„Ново киноутро“ со филмови за деца од денеска во Кинотеката на Македонија

Од денеска (9 јануари) до 18 јануари, со почеток во 12 часот, во Кинотеката на Македонија ќе се одржи циклусот филмови за најмладите насловен „Ново киноутро“.

Во рамките на овој циклус ќе бидат прикажани пет филмови наменети за најмладата публика, од кои ПУДРАТА НА ДОКТОР ПРОКТОР, ЗОЗОНЦИТЕ ВО ЗЕМЈАТА НА ВЕТРОТ и СМОТАНКО И ТРАПАВКО: НЕВОЗМОЖНА МИСИЈА се синхронизирани на македонски јазик, а исто така, ќе бидат прикажани и анимирани филмови во 3Д.

Години наназад, Кинотеката на Македонија го резервира почетокот на годината за најинтересната и најпалавата публика – децата. Традицијата „Ново кино-утро“ продолжува и годинава, со тоа што овојпат решивме да ги оставиме да одморат 35-милиметарските копии во кинотечното депо – и на нивно место да прикажеме нови филмови и анимации – дигитално, најавуваат од  Кинотеката на Македонија.
За искуството да е поинтересно, ќе бидат прикажани и 3Д-филмови, како што велат, за да се докаже почитта кон новите технологии, сè додека на тој начин дечињата се стекнуваат со љубов, познавање и навики за филмот и киното воопшто.

„Ново кино-утро“ ќе се случува од 9 до 18 јануари секој ден со проекции на пладне, а ќе бидат прикажани норвешко-британскиот игран филм „Капетанот Сабјозаб и богатството на Лама Рама“ (9 и 10 јануари), норвешко-американскиот игран филм „Пудрата на доктор Проктор“ со македонска синхронизација (11 и 12 јануари), шпанскиот анимиран филм со македонска синхронизација „Смотанко и Трапавко: Невозможна мисија“ (13 и 14 јануари), на 15 и 16 јануари ќе биде прикажан француско-белгискиот „Книгата на магии“ и за крај на циклусот се предвидени дводневни проекции на италијанскиот анимиран филм “Зозонците во земјата на ветерот“, синхронизиран на македонски (17 и 18 јануари).