Ново издание на Вевчанскиот карневал и богата музичка програма

Од 10 до 14 јануари во Вевчани ќе трае големата прослава за одбележување на празникот „Василица“ во чии рамки традиционално се одржува и Вевчанскиот карневал. Оваа година богатата програма започнува од 10 јануари со атрактивна музичка програма и за дочек на Старата Нова година со голем огномет.

Музичката програма на карневалот ќе се одвива два дена, на 12 и 13 јануари во Вевчани. На 12 јануари ќе настапат македонскиот изведувач Марко Слаткаристика, еден од најпопуларните регионални бендови „С.А.Р.С., како и групата „БРАС БРАДЕРС“.

Следниот ден, на 13 јануари, сцената во Вевчани е резервирана за познати изведувачи на македонска народна музика.

На 13 јануари е најавено и големото василичарско дефиле со кое Вевчани и секоја негова улица ќе се претворат во најуникатниот и единствен уличен театар без режија.

„Една од најголемите културни знаменитости во нашата земја, Вевчанскиот карневал е подготвен да ги пречека бројните посетители во Вевчани сето завиено во својот автентичен и мистичен дух и секако со специфичната порака со која вевчанци ја испраќаат изминатата година и ја пречекуваат новата, подобра година со желба таа да биде покретивна, поубава и побериќетна“ – вели вели еден од најголемите познавачи на Вевчанскиот карневал и неговата суштина, публицистот и новинар Мишо Китановски.

Карневалот во Вевчани е една од најпознатите карневалски манифестации на Балканот која се негува со векови и која според своите специфични особини се одвојува од останатите во светот поради неговата архаичност, традиционалност, таинственост и уникатни маски.