Новковски и Јанкуловски избрани да ја продолжат трката за нов ректор без гласот на студентите

Во отсуство на студентски претставник, ректорската управа ги номинираше актуелниот декан на Медицинскиот факултет и професор по Хирургија, Никола Јанкуловски и ексминистерот за образование и професот на ПМФ Ненад Новковски, да ја продолжат трката за нов ректор на УКИМ.

По еден час, колку што траеше седницата, со 17 гласа за Новковски и 28 гласа за Јанкуловски, ректорската управа ја донесе одлуката, без гласот кој му следува на претседателот на Студентскиот парламент. За време на гласањето, неколку студенти се обидоа да влезат во Ректоратот, но беа спречени од обезбедувањето, иако според Статутот на универзитетот, седниците се јавни.

Тие се револтирани од институциите, за коишто велат дека треба нив да им служат и најавија дека во најбрз рок ќе достават претставка до Државниот просветен инспекторат, поради неучество на студентите во работатат на Универзитетот, особено на најавениот избор за нов ректор.

„Во овој момент Кирил Спировски има свикано избори за нов претседател и ние сметаме дека тие избори се спорни, најпрво, бидејќи тој не може да ги свика поради тоа што не е легитимен претставник на студентите, и второ, затоа што ги свикува изборите за време на лето, кога голем дел од студентите не се во државата“, додаде Теодора Столевска од студентската иницијатива.

„Претседателот на СПУКМ Кирил Спировски го прекрши Кривичниот закони, поради злоупотреба на должност, преку менувањето на правилникот за избор на студентско претставништво. Бараме во најкраток можен рок тој правилник, да ни биде јавно достапен“, додаде Орхан Сулејмани од Студентски пленум.

За номинираните кандидати ќе се гласа на седница на Сенатот, која е предвидена да се одржи на 27 јуни. Тогаш, свој глас ќе имаат десет претставници од Студентскиот парламент. Според веде-деканот на Правниот факултет и член на Изборната комисија Борче Давитковски, не треба да се одложи седницата, и покрај проблемот со легитимноста на студентските претставници.

„Јас мислам дека не треба да се одложи седницата на Сенатот, бидејќи имавме писмо уште во јануари од сите што сме членки на факултетите, институтите и студентската организација дека до 20 февруари треба да се изберат нови сенатори. Претпоставувам и студентите го добиле тоа писмо и имале време да си одржат избори и да си номинираат кандидати“, вели Давитковски.

Дотогаш, остануваат ветувањата на двајцата кандидати кои ќе се тркаат за местото на ректорот. Новковски вети дека првото нешто што ќе направи, доколку стане ректор, е да спроведе целосна евалуација на одредбите, кои според него го ограничуваат и го оштетуваат потенцијалот на универзитетот.

„Ова е универзитет којшто има огромне капацитет и со соодветно насочување и користење на потенцијалите, тој може да постигне многу повисоки резултати, оние проблеми за коишто зборуваме да останат во минатото. Јас мислам дека сега е моментот здраво да застане човек кој ќе го затсапува интересот на целата академска заедница“, рече Новковски.

Јанкуловски, пак, по добиеното мноштво гласови на денешната ректорска управа се заблагодари за поддршка од своите колеги.

„Се надевам дека веќе е тргнато кон смирување на ситуацијата со студентите, по вчерашната средба со ректорот“, рече кандидатот за ректор.

Студентите бараат да се поништи постапката за избор на нов ректор на УКИМ, поради непостоењето на легално и легитимно студентско претставништво и универзитетот да се активира во избирањето на легитимен претставник на студентите.

Е.П.