„Новите искуства се секогаш добредојдени во уметноста“ – Башески отвори аукција за NFT уметничко дело

Сè поголемата популаризација на криптовалутите придонесе да се создаде нова дигитална практика во купувањето и колекционирањето на уметноста. Незаменливите виртуелни токени (NFT) полека ја освојуваат реалноста. Ваквиот вид на токени овозможуваат вљубениците на уметноста, но и интернет културата, да поседуваат дигитален сертификат за сопственост на фотографија или пак физичко уметничко дело.

Неколку популарни меми се продадоа за илјадници долари во форма на „етериуми“ (вид на криптовалута), а уметничкиот свет исто така ја прифати исплатата преку криптовалутата „Етериум“, а во март годинава, аукциската куќа „Кристи“ соопшти дека успешно е продадено NFT уметничко дело, за околу 70 милиони долари во форма на криптовалути.

Македонскиот уметник Жарко Башевски, кој е познат по хиперреалистичните скулптури ја започна својата прва дигитална NFT аукција.  Неговото дело „Обичен човек“, кое важи за една од неговите најпознати склуптури ќе биде ставено на аукција како NFT преку најголемата платформа за NFT уметност – „Opensea.io“. Од скулптурата е продуцирано само едно дигитално парче, кое е  достапно на „Окс“ галеријата на платформата „Opensea“, а аукцијата се базира на криптовалутата „Етериум“.

Скулптурата „Обичен човек“ е моментално изложена во Брисел, а претходно била дел од изложбата во музејот „Ла Бовери“ во Лиж, Белгија. Повеќе од 30,000 посетители, голем дел од нив сосема голи, биле сведоци на извонредната скулптура која го претставува човечкото тело во неговата најчиста форма.

Околу уметноста и незаменливите виртуелни токени, Радио МОФ разговараше со уметникот Жарко Башески, но и тимот на „OX Gallery“, креаторите на дигиталната галерија и лицата зад NFT аукцијата.

Новите искуства се секогаш добредојдени во сферата на уметноста

Уметникот Башески е македонски скулптор и професор на Факултетот за ликовна уметност во Скопје. Преку хиперреалистичкиот пристап во неговите скулптури, тој се занимава со темата на човечкото, а неговите скулптури се познати по воведувањето на нови елементи при изработка на делото, како техниката на производство и употреба на нови материјали, но и самиот концепт, големина на делото и филозофскиот пристап преку современите погледи на човечката состојба преку самонабљудување.

Башески вели дека за првпат се информирал за NFT пред неколку месеци, па преку аукцијата цели да ја направи неговата уметност достапна за јавноста со тоа што креира NFT верзија од неговите познати дела.

„На некој начин ме заинтересира можноста да се прикаже уметничко дело во дигитална форма, нешто досега не сум го правел и не сум размислувал за таква презентација. Мојот пристап кон делата секогаш бил во насока на истражување и експеримент, па во овој случај целосно се исполнува таа моја особина. Тука е и побрзиот начин на презентација, а можноста едно дело да се продаде преку криптовалутата „Етериум“ е доста возбудлива и интересна за доживување“, нагласува тој.

Според Башески, незаменливите виртуелни токени во голема мера би го промениле пристапот во купување и следење на уметничките дела. Зборувајќи за NFT аукцијата, тој вели дека обичната аукција како форма на купопродажба е одамна позната и се практикува во секоја поразвиена земја, но овој пат се работи за дигитално дело – скулптура.

„НФТ-то како платформа е нов предизвик и би сакал да знам како и што може да произлезе од користење на овој вид на дигитална трансакција. Не знам како ќе се одвиваат работите, но едно е сигурно – новите искуства се секогаш добредојдени во сферата на уметноста“, забележува тој.

NFT може да биде буквално сè што може да се дигитализира

За Илија Димкоски, основач на „OX Gallery“ и Драган Иванов, претставник од галеријата, незаменливите виртуелни токени се феномен кои може да ја „променат играта“, затоа што преку NFT уметноста е помала грижата за пиратски копии од уметничките дела.

„Системот е така направен што уметниците покрај од иницијалната продажба, можат да заработуваат и процент од секоја понатамошна препродажба на нивното дело“, објаснуваат тие.

Според Димкоски и Иванов, NFT може да биде буквално сè што може да се дигитализира – фотографија, гиф, видео, па и музика.

„Исто како што може да поседуваш копија од винил плоча, NFT овозможува да поседуваш дигитална верзија од некое дело. Секој може да купи копија од Мона Лиза, но само еден може да биде сопственик на оригиналот. Слично е и во NFT светот, само станува збор за сопственост на дигитална копија, која лесно се следи во чија сопственост е и кој ги има правата да го препродаде делото зошто е дел од блокчејн систем“, велат тие.

Се надеваат дека и поголемите македонски компании би инвестирале во NFT како начин за поддршка на уметниците, следејќи го примерот на „Visa“, која купила NFT дело од „CryptoPunk“ серијата за неверојатни 150.000 американски долари.

Димкоски и Иванов велат дека NFT е релативно ново поле, кое и тие сè уште го истражуваат. Тие додаваат дека „OX“ како бренд решил да ги поддржи уметниците во креирањето и промоцијата на NFT преку својата галерија бидејќи и самите гледаат  многу позитивни примери од светот на уметноста.

„Од хип-хопери до светски галерии како „Sotheby’s“ веќе аукцираат свои NFT дела. Очигледно е дека ова ќе биде многу влијателна струја во уметноста“, истакнуваат тие.

Забележан интерес за криптовалути на домашниот пазар

Од „ОX Gallery“ велат дека нема официјални податоци зошто во земјава сè уште не е регулиран пазарот со криптовалути, додавајќи дека токму нерегулираноста што истовремено не значи и нелегалност, е причината што голем број луѓе имаат инвестирано дел од своите средства во криптовалути или се бават со „копање“ на криптовалути.

„Ако не крадеш струја и ‘копањето’ е легално. По бројот на членови на пример во ‘Фејсбук’ групите за криптовалути во Македонија, може да се примети дека доста луѓе во Македонија се интересираат и инвестираат во криптовалути. Но, кога станува збор за креирање и инвестирање во NFT, ни изгледа дека бројот е доста помал“, забележуваат оттаму.

NFT aукцијата за делото „Обичен човек“, официјално започнува денес и ќе трае една недела. Од „OX Gallery“ велат дека и тие со нетрпение сакаат да видат што ќе се случи.

„Се надеваме дека овој потег ќе мотивира и други локални уметници да објават свои NFT дела. За во иднина може да очекуваме повеќе NFT дела кои ќе се објават преку профилот на Ox_Gallery. Всушност и затоа ја креиравме оваа галерија, со цел да се поддржат квалитетните уметници и да им го олесниме патот за влез во NFT светот“, заклучуваат оттаму.

Ивана Смилевска