Новиот сервис на Гугл на работодавачите може да им даде увид во пребарувањата на корисниците

Денеска секој шеф може брзо да го провери името на потенцијален работник преку сервисот на Гугл. Новите идеји на интернет компанијата отвараат сомнежи дека во блиска иднина многу повеќе информации за корисниците би станале достапни до некој кој е заинтересиран за тоа.

Технолошкиот гигант работи на нов проект наречен Google Hire (Гугл Вработува), за кој англискиот Дејли Мејл известува дека на работодавачите може да им овозможи пристап до историјата на интернет пребарувања на потенцијалните апликанти за работа.

Axios, интернет страницата за вести од технологија и бизнис, тврди дека сервисот е во тест-фаза и дека тој ќе дозволува на работодавачите да поставуваат листи на отворени работни места и да прифаќаат и менаџираат со апликациите за работа.

Според информациите, новиот сервис за вработување, треба да работи на сличен начин како ЛинкедИн, но според британскиот весник, првичните најави се дека тој ќе биде единствено достапен преку личниот профил на Гугл. Доколку е така, можно е сервисот да ги поврзе работите кои корисниците ги пребарувале на интернет и профилот на ЈуТјуб, со пријавата за вработување, па работодавачите да добијат увид во многу приватни и интимни информации, кои корисниците не би сакале да се откријат.

Онлајн сервисот на Дејли Мејл не успеал да добие одговор од Гугл.

Во овој момент функционира страната за најава на GoogleHire, но сервисот не е официјално активен.