Новиот ректор на УКИМ Никола Јанкуловски и официјално стапува на функција

Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ денеска ќе го инаугурира новоизбраниот ректор, проф. д-р Никола Јанкуловски, со што тој и официјално ќе стапи на оваа функција. Церемонијата ќе се одржи во аулата на Универзитетот во 12 часот.

Јанкуловски е декан на Медицинскиот факултет во Скопје, професор по предметот Хирургија и абдоминален хирург. Од септември 2007 до април 2009 година бил директор на ЈЗУ Универзитетска клиника за дигестивна хирургија. Добитник е на наградата „Св. Климент Охридски“ од областа на здравството во 2013 година и наградата „11 Октомври“ во 2015 година.

Тој беше избран за нов ректор на УКИМ во јуни годинава, со што ја наследи функцијата на досегашниот Велимир Стојковски.

При гласањето, Јанкуловски доби 43 гласа од вкупно 55, наспроти неговиот противник, професорот и поранешен министер за образование Ненад Новковски, кој освои 6 гласа.

Изборот за нов ректор помина со жестока расправа помеѓу претставници на Студентскиот пленум и досегашниот ректор Стојковски. Пленумот со часови го блокираше влезот на Ректоратот, не дозволувајќи да се одржи изборот за ректорт, бидејќи сметаа дека изборот на ректор, со студентски претставници чиј мандат тогаш беше истечен, ќе предизвика сериозни правни последици.

По изборот на нов ректор, се формираа две комисии, една задолжена за менување на Статутот на УКИМ во делот со студентското организирање, а другата за разгледување на условите во кои се одвиваа студентските избори, кои УКИМ ги прогласи за „црна дамка“ во историјата на универзитетот поради бројните нерегуларности. Овие комисии треба да донесат конечни решенија до утре, 15 септември, но од Пленумот не се оптимисти, бидејќи како што претходно споменаа, атмосферата на овие средби е тензична поради спротивставените ставови.