Новиот премиер на Куковите Острови си додели 17 функции во владата

Новиот премиер на Куковите острови, Марк Браун, покрај премиерската позиција, си доделил уште 17 места во владата, пренесува српски „Н1“.

Тој себеси се именувал и за министер за надворешни работи, имиграција, финансии, енергетика и обновливи извори, полиција и телекомуникации. Исто така, тој е одговорен и за морските ресурси, минералите и природните ресурси на морското дно, пензионирањето и надворешните острови на земјата. Браун се постави и за државен обвинител.

Опозициската лидерка Тина Брауни за „Cook Islands News“ наведе дека ваквата распределба значи дека премиерот не им верува на сопствените министри.

„Новиот премиер беше ‘возбуден од потенцијалот на својот кабинет’, а потоа си додели себеси 17 портфолија, што е сигнал за тоа колку верува во своите колеги“, истакна Брауни.

Се претпоставува дека премиерот Браун би можел да пренесе некои од своите надлежности во наредните месеци.

Браун дојде на власт овој месец, по оставката на Хенри Пуне, кој поднесе оставка по речиси една деценија, со цел да се кандидира за позицијата генерален секретар на Форумот на пацифичките острови, односно главен дипломат на Тихи Океан.

Куковите Острови се самоуправна автономна парламентарна демократија во слободно здружување со Нов Зеланд кои се одговорни за надворешната политика и одбраната.