Новиот пребарувач на „Твитер“ ќе спречува дезинформации за коронавирусот

Бидејќи дезинформациите околу коронавирусот се шират како епидемија на социјалните мрежи, апликацијата „Твитер“ презеде мерки за да се бори против лагите.

Компанијата соопшти дека ќе ги спречува автоматските резултати кои најверојатно би ги насочиле корисниците кон неверодостојна содржина и ќе ги пренасочува заинтересираните кон информации од авторитетни организации како „Центарот за контрола на болести и превенција“.

„Ние во употреба го пуштивме новиот налог за пребарување за да се осигуриме дека секој кој ќе побара информации за коронавирусот ќе биде насочен кон веродостојни институции“ – стоеше во соопштението на „Твитер“. Компанијата формираше партнерства со организации од 14 земји, меѓу кои и САД, Австралија и Јапонија, а соопштено е дека партнерството може да се прошири и на други локации „во зависност од потребата“.

„Твитер“ на сличен начин се бори и против дезинформациите околу вакцините. Системот за пребарување ги охрабрува корисниците да ги дознаат фактите, насочувајќи ги пребарувањата за вакцините кон одговорните институции со цел да ги обесхрабри теориите на заговор.

Иако од „Твитер“ велат дека сѐ уште не се забележани координирани обиди за ширење на дезинформации поврзани со коронавирусот, во изминатите четири недели се објавени 15 милиони твитови на темата. Веќе се шират вирални теории на заговор на Фејсбук, Инстаграм и ТикТок.

Иако „Твитер“ нема целосно да ги спречи дезинформациите околу коронавирусот, компанијата вели дека се надева на допринес во напорите да се намали заканата од дезинформации.

Извор: Mashable