„Новиот почеток“ ќе одржат концерт на 25 март во МКЦ

Откако панк-рок составот „Новиот почеток / Тhe Beginnings“ го објавија новиот албум „Endless Endeavors“, сега на 25 март ќе го промовираат и на концерт во МКЦ.

Албумот е веќе достапен на сите дигитални платформи, додека на настанот во МКЦ ќе може да се набави на винил и ЦД верзија.

Исто така, со концертот ќе биде означена и 20 (+1) година од почетоците на бендот.

„Новиот Почеток, стилизирано како Noviot Pochetok, исто така познати и како The Beginnings (за интернационална употреба) е еден од најдолго-свиречките музички групи во македонската музичка историја. Бендот започнува во 2002 година и е препознатлив по своите ултра-енергични и експолозивни настапи во живо. До сега имаат отсвирено преку 250 концерти и 8 европски турнеи во последната декада – што ги прави еден од малкуте домашни бендови кои успеале тоа да го остварат до сега“, стои во најавата за концертот.

Бендот неодамна го објави спотот за песната „Црно-бело“.

https://youtu.be/3G1qfVau57E

Досега имаат издадено 4 албуми на македонски и 1 „best-of“ албум со препев на англиски, додека „Endless Endeavors“ е нивно шесто издание, повторно на македонски јазик.

Албумот е снимен, продуциран и мастериран од Ненад Трифуновски – Трипе и Филип Тасевски – Фиц. Тапаните се снимени во Кино Фросина, МКЦ, Скопје, се’ останато во нивната пробувална во „Макотекс“.

Ковер артот е на Фиц, ковер илустрацијата на DALLE-2, додека фотографијата од бендот е на Стефан Рајхл.

Гости на концертот ќе бидат Димиш и KEM.