Новиот коронавирус не мутира брзо, научниците предвидуваат дека вакцината би нудела долготрајна заштита

Коронавирусот кој ја предизвикува болеста Ковид-19 не мутира значајно при неговото циркулирање низ луѓето, сметаат научници кои одблиску го проучуваат генетскиот код на новиот патоген.

Релативната стабилност може да сугерира дека е малку веројатно вирусот да станува помалку или повеќе опасен додека се шири, што е значајна вест за научниците кои се надеваат на долгорочна вакцина, пренесува Вашингтон Пост.

Сите вируси еволуираат со време, собирајќи мутации додека се реплицираат во клетките на нивните „домаќини“ во огромни бројки и се шират низ населението, а дел од тие мутации се одржуваат преку природната селекција. Новиот коронавирус, САРС-КоВ-2, има мала брзина на мутација и изгледа многу слично насекаде каде што е проширен, посочуваат научниците.

Тие сега проучуваат повеќе од илјада различни примероци од вирусот. Питер Тилен, молекуларен генетичар од Универзитетот Џон Хопкинс, вели дека постојат само околу 4 до 10 генетски промени помеѓу примероци од вирусот кој заразиле луѓе во САД, со првичниот вирус кој се ширел во Вухан, Кина.

„Тоа е навистина мал број мутации по преминување на толку голем број луѓе. Во овој момент, нивото на мутација ни сугерира дека вакцината која би се направила за САРС-КоВ-2 вирусот ќе биде еднократна вакцина, а не сезонска, која би се примала секоја година како вакцината против грип“, вели Тилен.

Таа вакцина би требало повеќе да личи како онаа за морбили или варичела – нешто што би обезбедило имунитет на долг рок.

„Очекувам вакцината за коронавирусот да има сличен профил како овие вакцини. Тоа е одлична вест“, додава тој.

Во моментов неколку вакцини против Ковид-19 се во развојна фаза, но експертите проценуваат дека ќе биде потребно најмалку уште година до година и пол за да станат достапни за широка употреба.

„Грипот има еден трик во ракавот кој коронавирусите го немаат – геномот на вирусот на грип е распарчен во неколку различни сегменти, секој од нив со посебен код на генот. Кога два вируси на грип се во иста клетка, тие можат да разменат некои делови и истовремено да создадат нова комбинација. Така настана Х1Н1 „свинскиот“ грип“, објаснува професорот Бенџамин Нојман од Универзитетот А&M Тексас.

Според Тилен, пак, драматичната стапка на смртност во Италија, на пример, најверојатно е последица на различни ситуациски фактори – повозрасна популација, преполни болници, недостаток на респиратори – а не поради некаква разлика во самиот вирус.

„Досега немаме никакви докази кои би поврзале посебен вид од вирусот со јачината на болеста. Засега јачината на болеста поверојатно е дека е резултат на други фактори“, вели тој.