Новиот Хари Потер ги сруши британските рекорди во продажба

„Проколнатото дете“, осмиот дел од серијалот на Хари Потер, стана најбрзо продаваната книга во Велика Британија во последната деценија. За три дена по промоцијата продадени се повеќе од 680.000 примероци, со што го надмина рекордот на „50 нијанси на сиво“ од 2012 година, која тогаш, за една недела, се продаде во 664.478 примероци.

Со ова темпо книгата ќе стане втора најпродавана книга за една недела во Британија, откако се води оваа статистика. Првото место го држи друг дел од серијалот Хари Потер, „Реликвиите на Смртта“ .

Во Соединетите Американски Држави и Кадада за само два дена се продале два милиони примероци од книжарниците.

Дејството на „Проколнатото дете“ се одвива 18 години по последната книга и ги следи новите авантури на Хари Потер и неговиот помлад син. Според зборовите на писателката Џ.К. Роулинг, не се работи за продолжение, туку за сосема нова приказна.

Книгата е во формат на драмски текст и се објавува истовремено со театарската претстава која се игра во Лондон и која доби позитивни рецензии од британските медиуми.

Секојa од претходните книги од серијалот за волшебникот од училиштето за магии Хогвортс се продадени во големи броеви – помеѓу 50 и 100 милиони примероци во светот. Вкупната вредност на брендот Хари Потер се проценува дека изнесува околу 15 милијарди долари.