Новиот албум на Paul Van Dyk е забранет во неколку арапски земји

Новиот албум на Paul Van Dyk е забранет во неколку арапски земји, поради тоа што на него германската транс легенда соработува со неколку израелски музичари, пишуваат западните медиуми.

Седмиот студиски албум на Van Dyk, насловен „The Politics of Dancing 3“ имал за цел да ги сруши културолошките и политичките бариери и да го истражи создавањето на денс-музиката како глобален жанр. Van Dyk ангажирал неколку продуценти од Блискиот Исток, вклучувајќи ги и израелскиот продуцент  Michael Tsukerman и дуото Las Salinas.

„Оваа музика ги спојува луѓето без оглед на тоа во кој бог веруваат, која религија ја следат или на која држава и припаѓаат. Ова е нереално и разочарувачки. Навистина мислев дека напредувавме подалеку од ова“, изјави Van Dyk.

Албумот е досега забранет во Египет и во Либан, а се очекува и неколку други земји да го следат примерот на овие две. Забраната е по малку неочекувана, меѓу другото и затоа што Van Dyk има голема база на обожаватели во арапските земји, а минатата година настапил во Бејрут, Доха, Дубаи и во неколку градови во Египет. Германецот, кој како глобален претставник на денс-музиката често ги изложува своите културолошки и уметнички ставови, вели дека нема да се откаже од своите намери:

„Нема да се откажам од она што го започнав. Ако постои нетрпеливост меѓу нациите, тоа е тажно, но мора ли тоа да се однесува и на уметноста? Каде е тука иднината, ако уметниците не можат да соработуваат поради нешто вакво?“, додава Van Dyk.