Новински агенции до Фејсбук и Гугл: Грабежот на содржини е закана за демократијата

„Бесрамниот грабеж на содржините на информативните медиуми и нивните приходи од огласувањето, зад кој стојат интернет џиновите, е закана и за потрошувачите и за демократијата“, се вели во изјавата која ја потпишаа шефови на 18 европски новински агенции, остро критикувајќи ги Фејсбук и Гугл, јавува АФП.

Во заедничката изјава бараат од пратениците во Европскиот парламент решително да продолжат да работат на контроверзната директива за авторски права на единствениот дигитален пазар. Според директивата, интернет платформите би требало да ги проверуваат содржините, а можеби дури и да плаќаат за вестите што ги постираат на своите интернет страници.

Предлог директивата, која според планот ЕУ треба да ја воведе во 21 век и да обезбеди авторите на музика, филмови и вести да бидат платени за својот труд, иницираше една од најжестоките лобистички војни во историјата на Брисел.

Од една страна, силите ги одмеруваат медиумските куќи, а на друга технолошките џинови и заговорниците на слободата на интернетот.

Од една страна се уметниците и традиционалните медиуми, авторите на содржини на кои очајно им требаат приходи во време кога речиси сѐ на интернет може да се види бесплатно, а од друга страна се низа критичари, кои тврдат дека тие измени ќе доведат до тоа платформите да спроведуваат општа цензура и дека тоа ќе стави крај на размената на мислења на интернет.

Меѓу агенциите кои ја потпишаа изјавата против Гугл, Епл, Фејсбук и Амазон се Франс прес, дпа, британската Новинска агенција и турска Анадолија.