Новинската агенција „Мета.мк“ од денеска почнува со работа

Од денеска стартува со работа новинската агенција „Мета.мк“ (www.meta.mk).

„Мета.мк“ ќе биде достапен и одржлив извор на професионални информации за јавноста, медиумите, институциите и за компаниите, и професионално ќе известува за сите аспекти од развојот на Македонија поврзани со политиката и со економијата, но и за настаните од регионот и од светот, образложува во соопштение агенцијата.

Во фокусот на „Мета.мк“ ќе биде се што е поврзано и што задира во секојдневниот живот на сите граѓани на Македонија, а особено за настаните од политичкиот, економскиот и од граѓанскиот сектор.

„Мета.мк“ ќе биде и извор на информации за и околу Македонија во поширокиот контекст во НАТО и во ЕУ-интеграциите за светот и ќе работи вестите од земјава да бидат повидливи за заинтересираните институции, агенции и медиуми надвор од нејзините граници.

Тимот на „Мета.мк“ ќе известува на македонски, а наскоро и на албански и на англиски јазик. Преземањето на содржините ќе биде бесплатно за медиумите од Македонија во ограничен временски период.