Новинарските организации утврдија правила за онлајн медиумите и побараа Владата и рекламерите да ги почитуваат

Здружението на новинари на Македонија, Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници и Советот за етика на медиумите во Македонија соопштија дека усогласиле минимум критериуми што ќе помогнат во заштита и промоција на професионалното новинарство во онлајн медиумите.

Трите организации сметаат дека онлајн медиумите треба да ги почитуваат начелата и принципите на новинарската професија, како што се:

-транспарентна сопственост,

-објавување на импресум, контакт и адреса на медиумот,

-прифаќање и почитување на Кодексот на новинарите и

-регистрација на правен субјект во Македонија

Организациите побараа од Владата и јавните институции да ги почитуваат овие критериуми при издавање на акредитација на новинарите од онлајн медиумите, додека истовремено упатија повик до рекламерите на општествена одговорност и воздржување од објавување на реклами во онлајн медиумите кои не ги исполнуваат овие критериуми.

Тие додаваат дека ако Владата и рекламерите не ги почитуваат овие критериуми директно ќе придонесат кон јакнење на дезинформациите во медиумите и нивно користење за пропагандни цели, што може да се искористи како алиби за да се донесе рестриктивна законска регулација на онлајн медиумите која може да ја ограничи слободата на изразување на интернет.