Новинарскиот пленум утре на протест пред Влада

Новинарскиот пленум е шокиран и згрозен од актот на насилство на вицепремиерот Владимир Пешевски кој физички го нападна сопственикот на порталот Мактел, Саше Ивановски, реагираат од пленумот.

Тие најавија дека утре ќе одржат протест пред Владата, и побараа оставка од вицепремиерот Пешевски и кривична одговорност.

„Сметаме дека ова физичкото насилство на вицепремиерот е континуитет на владината стратегија за пресметка со неистомислениците. Бараме оставка од вицепремиерот Пешевски и кривична одговорност. Вицепремиерот Пешевски, како носител на јавна функција мора да е свесен дека неговата работа подразбира отчетност и одговорност пред јавноста, која има право да поставува прашања, дури и на теми кои му се чинат непријатни.

Ваквиот сериозен испад на Пешевски зборува за неговото ниво на политичка и општа култура и склоност кон насилно поведение, неспоиви со носител на висока функција во Владата, па затоа нужно е тој да понесе политичка и кривична одговорност. Апелираме Владата, премиерот и неговата партија да се дистанцираат од овој насилен, антицивилизациски и недмократски акт на Пешевски.

Новинарите кои не учествуваат во пропагандата поддржана со јавни пари се долго време игнорирани од официјалните институции во обид да се дискредитира нивната работа.
Дополнително, тие се цел на пропагандата која ги етикетира и ја омаловажува нивната работа. Ова е само продолжување на таквата стратегија со тоа што сега веќе е доведена во прашање физичката безбедност на новинарите и луѓето кои делуваат во медиумскиот простор.

Физичката безбедност е особено доведена во прашање во услови на слаби институции кои не делуваа во заштита на граѓанскиот интерес туку партијата на власт за што сведочат содржините од објавените „бомби”. Оттука, во револт и заштита на правото на вршење на професијата и слободно движење во јавниот простор, Новинарскиот пленум утре излегува на протест пред Владата во 11 часот и ги повикува сите други колеги и граѓани да се приклучат“, се вели во реакцијата на Новинарскиот пленум.

Нoва ТВ денеска објави видео од нападот на вицепремиерот Пешевски, кој се случи пред ресторанот „Пастел“.