Новинарски истражувања за Трамп и за масакрот во училиште во Паркланд добија Пулицерова награда

Две новинарски истражувања поврзани со американскиот претседател Доналд Трамп и известувањата за проблемот со вооружените напади по нападот на училиштето во Паркланд беа меѓу новинарските стории кои ја добија Пулицеровата награда за 2019 година која се доделува за најдобрите новинарски и културни достигнувања.

На синоќешното доделување на наградите, постхумно беше врачена Пулицерова награда и за Арета Френклин, за нејзиниот петдецениски придонес во американската музика и култура.

Една од најреномираните Пулицерови награди за „објаснувачко известување“ отиде во рацете на репортери на „Њујорк Тајмс“ за нивното 18-месечно истражување кое откри како претседателот Трамп и неговите роднини избегнале да платат данок во износ од скоро половина милион долари.

Награда добија и новинарите од редакцијата на „Вол Стрит Журнал“ во категоријата „новинско известување“ за нивното обелоденување дека адвокатот на Трамп платил на две жени за тие да не говорат јавно за нивната афера со Доналд Трамп пред претседателските избори во 2016 година.

Три Пулицерови награди годинава се доделени за известувања за масакри во САД. Весникот „Сан Сентинел“ доби награда во категоријата „служба во јавниот интерес“ за известувањето за училишниот масакр во Паркланд, во кој загинаа 17 лица. Весникот детално открил серии пропусти од локалните власти и полицијата кои довеле до загубата на толку животи.

Пулицеровата награда, која се доделува во 21 категорија, постои од 1917 година и го носи името на американскиот новинар Џозеф Пулицер. Секој од добитниците, покрај признанието добива и парична награда од 15.000 долари.

Целосната листа на добитниците на Пулицеровата награда за 2019 година можете да ја најдете ТУКА.