Новинарски и медиумски организации бараат итни реформи во медиумите

Во пресрет на претстојните реформи во медиумската сфера кои произлегуваат од Пржинскиот договор, група новинарски и медиумски организации до Владата поднесоа Барање за спроведување системски медиумски реформи во кое се нагласени приоритетните прашања за кои се неопходни итни законски измени и практични мерки што треба да ги спроведат надлежните институции.

Од Владата, исто така, се бара да започне инклузивен и транспарентен процес на јавна расправа, како за приоритетните така и за другите проблеми чие решавање може да доведе до подобрување на слободата на изразување и на состојбата во медиумскиот сектор.

„Реформите во медиумскиот сектор, што согласно Пржинскиот договор 2 беа договорени за периодот по формирањето на новата Влада, треба да се спроведат како добро испланиран, инклузивен и транспарентен процес што ќе се одвива во две паралелни фази“, велат повеќе новинарски и медиумски организации.

Според нив, во првата фаза треба да се утврдат приоритетните прашања за кои се неопходни итни законски измени и практични мерки што треба да ги спроведат надлежните институции, а во втората да се детектираат сите среднорочни и долгорочни прашања што треба да се решат во медиумскиот сектор, а за кои се неопходни сеопфатни анализи.

„И двете фази треба да се одвиваат во отворена и континуирана соработка на надлежните државни институции со граѓанските организации од медиумскиот сектор“, забележуваат тие.

Спроведувањето на реформите подразбира измени во законската легислатива од различни области, но исто така и серија практични мерки и активности на надлежните државни институции со кои ќе се овозможи имплементација на легислативата и решавање на ургентните проблеми што го попречуваат слободното вршење на новинарската професија или го оневозможуваат правото на јавноста да добива објективни, непристрасни и вистини информации за сите прашања од политичкиот и општествениот живот.

„Сите предлози за итни измени на законите треба да се направат во транспарентен процес на консултација со граѓанските организации, пред да се достават на усвојување на седница на Влада“, нагласуваат организациите.

Во овој документ се нотираат само итните проблеми што треба да се решат во првата фаза и предлозите за законски измени и други мерки. За најголем дел од овие проблеми, во март минатата година петте граѓански организации во областа на медиумите – потписници на ова барање, доставија Иницијатива за изменување и дополнување на Законот за аудио и аудио-визуелни медиумски услуги со Предлог на закон, која беше поддржана од пратениците на СДСМ. Оваа иницијатива ја доставуваме во прилог на ова Барање. Нагласуваме исто така и дека ние како организации остануваме зад предложените решенија во овој Предлог на закон и бараме процедурата за измени на Законот за аудио и аудиовизуелна дејност да почне што е можно побрзо и да биде максимално инклузивна и транспарентна.

Според Здружението на новинарите на Македонија, Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници, Советот за етика во медиумите на Македонија, Македонскиот институт за медиуми и Институтот за комуникациски студии, приоритени прашања што треба итно да се решат уште во првата фаза се следниве:

Зголемување на безбедноста и сигурноста на новинарите и искоренување  на практиката на не казнивост на нападите врз новинари

  • Официјалните претставници на Владата, државните службеници и претставниците на сите јавни институции на безбедноста на новинарите треба да му пристапуваат како на исклучително сериозен проблем и редовно во јавноста да ги осудуваат нападите врз новинари;
  • Владата треба да ги преземе сите неопходни мерки за заштита на новинарите и да ги задолжи надлежните институции итно да ги истражат сите случаи на напади врз новинари. За таа цел, очекуваме Владата на првата наредна седница да расправа за ова прашање и да донесе заклучок со кој ќе го задолжи Министерот за внатрешни работи да изготви извештај за состојбата со преземените мерки за откривање и гонење на насилниците;
  • За зголемување на безбедноста на новинарите и искоренување на состојбата на не казнивост треба да се испита можноста во Кривичниот закон да се воведе посебна санкција за напад врз новинари и новинарски екипи на работа.

Почитување на работните и професионалните права на новинарите и другите медиумски работници

  • Итно спроведување на преземените обврски во владината програма за измени на Законот за работни односи во делот на обезбедување вистинска заштита за работниците, вклучувајќи ги и новинарите и медиумските работници;
  • Измени на одредбите од Законот за работни односи во делот за штрајк, каде се обесхрабруваат работниците да го искористат ова право и каде казните за погрешна процедура за синдикатот се повисоки во однос на работодавачот.
  • Менување на Законот за работни односи во делот на репрезентативноста на синдикатите и на вистинска проценка кој синдикат е репрезентативен, заедно со скратување на долгата и сложена процедура околу утврдување на овие факти.

Транспарентност на јавните институции и подобрување на условите за истражувачко новинарство

  • Владата, соодветните министерства, Собранието, судовите и сите други јавни институции, треба да обезбедат брз, фер и еднаков пристап до информации од јавен карактер за сите медиуми. Треба да работат транспарентно, да имаат отворен, недискриминаторски и фер однос кон медиумите и не треба да имаат привилегиран однос кон определени медиуми. Владата и сите надлежни министерства треба да се обврзат да одржуваат заеднички прес-конференции (по можност еднаш неделно) на кои треба да даваат детални одговори на сите прашања поставени од новинарите.
  • Да се разгледа можноста за измени на Законот за слободен пристап до информации од јавен со цел (1) да се утврди пократок рок за пристап што би им овозможил на новинарите побрзо да дојдат до бараните информации и документи (по можност помеѓу 7 и 10 работни денови), и (2) максимално да се стеснат основите за одбивање на барањата за слободен пристап до информации од јавен карактер односно да не им се остава простор на институциите за своеволно толкување на основите за одбивање со цел да се прикриваат информации и да се оневозможи правото на пристап;
  • Да се обезбеди бесплатен пристап за новинарите до документите во Централен регистар или од Катастар, при што новинарот поднесува соодветен документ од редакцијата.

 Независност, надлежности и финансирање на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги

  • Измени во одредбите во Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги во поглед на начинот на предлагање и именување членови на Советот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, со цел ова тело да се департизира;
  • Со оглед на неефикасното собирање на радиодифузната такса, да се изнајде решение за долгорочно, стабилно и независно финансирање на Агенцијата.

 Институционална автономија, уредувачката независност и финансирање на МРТ

  • Измени во одредбите во Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги во поглед на начинот на предлагање и именување членови на Програмскиот совет на МРТ, со цел ова тело да се департизира и да ги претставува вистински интересите на граѓанското општество во целина;
  • Измени во одредбите во Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги во поглед на начинот на избор на одговорните уредници на програмските сервиси, со кои Програмскиот совет на МРТ ќе биде овластен да ги избира врз основа на спроведена постапка на јавен конкурс;
  • Дополнително, мора да се зајакнат критериумите за избор на директорот на МРТ, со цел таа менаџерска функција да се професионализира, а не да е партиско-политичка;
  • Имајќи ги предвид одредбите од Законот за ААВМУ и Законот за државна помош, надлежните институции треба да спроведат детална ревизија на финансиското работење на МРТ во изминатите неколку години, со цел сеопфатно да се согледа нејзината состојба и да се преземат соодветни мерки за нејзина консолидација;
  • Со оглед на неефикасното собирање на радиодифузната такса, да се изнајде решение за долгорочно, стабилно и независно финансирање на МРТ.

Спречување говор на омраза и поттикнување насилство во аудиовизуелните содржини

  •  Измени на одредбите во Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги со цел да се воведе санкција за „говор на  омраза“ или поттикнување насилство во аудиовизуелните програми (член 48 од Законот за аудио и аудиовизуелни  медиумски услуги), со што ќе се овозможи ААВМУ да покренува прекршочна постапка.

 Раскинување на клиентелистичките врски меѓу медиумските сопственици и власта и подобрување на условите за    работа на приватните медиуми

  • Измени на одредбите во Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги со цел да се воведе забрана на секаков вид „државно рекламирање“ во комерцијалните аудиовизуелни медиуми и да се дефинира прецизно поимот „јавни кампањи“ кои би можеле бесплатно да се емитуваат само на јавниот сервис;
  • Измени на одредбите во Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги со цел да се воведе забрана за партиско-политичкото рекламирање во текот и надвор од изборниот период;
  • Измени на одредбите во Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги со цел да се намали висината на надоместокот за дозвола што го плаќаат радиодифузерите, со цел да им се олесни финансиското работење и медиумските сопственици да се поттикнат да вложуваат во развој и професионализација.

Укинување на одредбите од Законот за ААВМУ во поглед на продукцијата на домашна документарна и играна програма на националните телевизии

  • Укинување на одредбите од Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги кои се однесуваат на т.н. „културни квоти“ за продукција на домашна документарна и играна програма на националните телевизии, вклучувајќи и одредбите кои се однесуваат на распоредување на средствата од Буџетот наменети за таква продукција, како и финансиските санкции за непридржување до овие одредби.

„Системските реформи во медиумската сфера во никој случај не смеат да се сведат на промените што ќе се направат во првата фаза. Втората фаза треба да започне веднаш со изработка на детален план во кој ќе се детектираат сите прашања за кои е неопходна длабинска разработка и дебата. Во дебатата за системски промени треба да се вклучат сите надлежни институции и претставниците на граѓанскиот сектор. Една од можностите за координирање на целиот процес е надлежното министерство да иницира формирање широка работна група на која првично ќе се разговара за сите прашања и ќе се донесат заклучоци за тоа во која насока и со кое темпо да се одвиваат системските медиумски реформи“, велат новинарските и медиумски организации во заедничкото соопштение.