Новинарска лекција: Граѓанско новинарство – Во потрага по изгубениот рај

Од онаа страна на „црвените линии“ на традиционалното, корпоративно и партизирано новинарство е јавноста и граѓаните кои, доколку се осмелат да ги направат првите чекори во партиципирањето во демократијата, во овој случај и низ медиумите ќе докажат дека јавноста е многу повеќе од пазар за информации. Застапувајки го овој принцип, граѓанското новинарство ги претвора читателите, гледачите и слушателите како членови на заедницата, а не како потрошувачи.

Новинарска лекција: Граѓанско новинарство – Во потрага по изгубениот рај

Пишува: Зоран Бојаровски

Не е случајно што потрагата по изгубениот новинарски рај започнува денес. Довербата во актуелната новинарска пракса во Република Македонија е на најниско ниво од 2006 година наваму. Според истражувањето за довербата на граѓаните во луѓето и институциите во 2013 година на Македонскиот центар за меѓународна соработка, на медиумите им веруваат само 37,4 отсто од граѓаните. Овој процент е резултат на постојано опаѓање на довербата на новинарството од 2006 година, кога на новинарите им верувале 56,7 проценти од граѓаните.

Оваа ерозија на довербата ги подрива темелните принципи за улогата на новинарството во едно демократско општество. Ако новинарството ја губи јавноста и со тоа неговата доверба како заштитник на јавниот интерес, се доведува во прашање целокупниот концепт на оваа дејност, а уставните определби за слобода на изразувањето и на медиумите стануваат празни декларации.

Заради оваа ситуација време е во Република Македонија да се освојува простор за нешто што се нарекува граѓанско новинарство (civic journalism), некаде нарекувано и партиципативно новинарство, и медиуми на заедницата (community media).

Веднаш да кажеме дека граѓанското новинарство не го исклучува, ниту, пак, е алтернатива на традиционалниот концепт на новинарството омеѓено од квадратурата што се исцртува со настан-новинар-уредник-содржина.

Една од целите на граѓанското новинарство е да создаде нова димензија во релацијата граѓани и медиуми. Овој концепт започнува од одамна заборавените позиции на новинарството дека тоа ја има темелната одговорност во градењето и зајакнувањето на граѓанската култура. Да се стои настрана, како некој неутрален набљудувач, веќе не е можно, иако некои новинари од забеганото новинарство, го посакуваат тоа.

Граѓанското новинарство е создавање и одржување на врските меѓу новинарите и заедницата, меѓу новинарството и граѓанството. Граѓанското новинарство ја поттикнува јавната дебата и ја поттикнува и зајакнува граѓанската култура кога станува збор за целите на новинарството и за неговата главна улога во реанимацијата на снеможената јавност.

Новинарство во име на граѓаните

Поттикнувањето и зајакнувањето на граѓанската култура со активности кои треба да ги обноват врските на граѓаните со нивните заедници, со „вовлекување“ во политичките процеси и во процесите од интерес за нивната непосредна заедница, како и постојаното потсетување дека општествениот систем, структурата на општеството, е јавнa сопственост – е во срцето на граѓанското новинарство.

Ова налага редефинирање на односот меѓу новинарството и политиката.

Резултатите од истражувањата на довербата на граѓаните во институциите во Република Македонија укажуваат на тоа дека граѓаните на медиумското известување за политичките процеси во земјата гледаат како на игра на новинарите и политичарите во која јавноста е исклучена.

Не треба да се пренебрегне дека известувањето за политиката е арената во која е родено граѓанското новинарство. И покрај големата разновидност на темите што ги покрива, граѓанското новинарство секогаш ќе се навраќа на политичкото новинарство како на откровение и како на појдовна точка на поврзаноста на граѓаните и на политиката.

Новинарска лекција: Граѓанско новинарство – Во потрага по изгубениот рај

Затоа, постојаното усовршување на медиумското известување за политиката е важен, прв чекор, во поврзувањето и во меѓусебната доверба меѓу новинарските институции и јавната сфера. Работата на политичарите, нивните активности за време на мандатот што им е отстапен од граѓаните во име на граѓаните, не е „нивна работа“, туку активност од интерес на медиумите и во интерес на граѓаните. Треба да се верува дека ревитализацијата на граѓанската култура ќе го поттикне новинарството да ја врши својата основна задача – да настојува транспарентност во креирањето и спроведувањето на јавните политики. Со сиот ризик дека ќе искажеме една бласфемија во однос на принципите на доброто новинарство, сепак, време е да се соопшти дека за некои прашања новинарството веќе не може да ја има удобната позиција на – неутралност. Таа позиција е погрешна кога станува збор за тоа дали граѓаните треба да партиципираат во креирањето и спроведувањето на јавните политики, тогаш кога треба да се поддржи учеството на граѓаните во дебатите од јавен интерес, тогаш кога заедницата се соочува со проблеми, тогаш кога политиките не одат во насоката која била ветена, тогаш кога од граѓаните се барал нивниот изборен глас…

Напуштањето на удобната позиција на неутралност не значи дека новинарите заземаат одредена страна во политичките прашања од интерес на заедницата. Не е поента дека напуштањето на неутралноста треба да ги декларира новинарите како застапници на политички партии или на нивни кандидати. Многу повеќе, тоа значи активно охрабрување на граѓаните да се вклучат во јавните дебати, да инсистираат да ги има тие дебати. И уште многу повеќе: инсистирање на јавен простор каде што информациите што се споделуваат, дебатите што се водат, ќе се трансформираат во акција.

Преку црвените линии: Кога се живее во заедница

Една од важните функции на граѓански одговорното новинарство, на медиумите на заедницата, е да ги „преминуваат црвените линии“ на традиционалните медиуми, да ги согледуваат заедниците како заокружен ентитет и да употребат колку што е можно повеќе медиуми и медиумски алатки за да ги адресираат темите и проблемите на заедницата.

Да замислиме едно такво „преминување на црвените линии“: да го земеме загадувањето на воздухот во Скопје. Зошто не би било можно да се формира една привремена коалиција на граѓани, граѓански здруженија, медиуми, засегнатите компании што испуштаат штетни гасови, локалната самоуправа и политичките партии, за да се реализира проект за откривање на причинителот на загадувањето и за изнаоѓање решение за овој проблем? Зар не е тоа ултимативна потреба на граѓаните на Скопје, како и решение за здравјето на сегашните и идните жители на градот? Зар не е тоа идеја која е пример за партиципативна, непосредна демократска акција врз основа на консензусот за врвниот примат на јавниот интерес?

Но, не само хипотетички, и во нашата медиумска пракса имаме искуства со медиуми на заедниците. И тоа позитивни искуства. Радио МОФ е медиум на заедницата. На младинската заедница. Акцијата на Младинскиот образовен форум и на Радио МОФ кога се донесуваше Законот за млади даде резултати.

Новинарска лекција: Граѓанско новинарство – Во потрага по изгубениот рај

Воопшто, некои од младинските и студентските заедници во Република Македонија е јадрото на добрите искуства на медиуми на заедниците и на партиципативно новинарство зашто поголем дел од новинарите во овие медиуми се активисти кои волонтерски создаваат новинарски содржини за нивните медиуми. („Излез“)

Од онаа страна на „црвените линии“ на традиционалното, корпоративно и партизирано новинарство е јавноста и граѓаните кои, доколку се осмелат да ги направат првите чекори во партиципирањето во демократијата, во овој случај и низ медиумите ќе докажат дека јавноста е многу повеќе од пазар за информации. Застапувајки го овој принцип, граѓанското новинарство ги претвора читателите, гледачите и слушателите како членови на заедницата, а не како потрошувачи. Кога медиумите на заедницата ги дистрибуираат информациите за проблемите на граѓаните, со тие проблеми ги соочуваат оние што треба да ги решат, барајќи решенија низ аргументирани дебати.

Прочитајте ја целата анализа за граѓанското новинарство на следниот линк.