Новинарот Павле Беловски нападнат пред МВР

Новинарот на телевизија Телма, Павле Беловски вечерва бил физички нападнат пред Министерството за внатрешни работи, за време на извршување професионална задача.

Беловски рече дека поминал без посериозни повреди и информираше дека напаѓачот веднаш бил приведен по инцидентот. Нападот е регистриран и од камера на телевизијата.

„Лицето најпрвин се обиде вербално да ме испровоцира со политички квалификации. Со колегата, снимател го изигнориравме. Кога тргнав да се јавувам во живо дојде одзади, најпрвин ме удри со тупаници, а потоа и со клоци. Не возвратив. Стравував дека можеби има и оружје во себе. За среќа полицајците кои го обезбедуваа Министерството притрчаа и веднаш му ставија лисици и процедурата заврши во полициската станица Беко. Сакам да испратам апел дека во последно време сè почести се случаите каде се нападнати новинарски екипи. Неважно од кого и заради која причина. Инсистирам тоа да престане и луѓето да имаат разбирање за она што го работиме, без разлика дали тоа некому му се допаѓа или не“, изјави кратко по инцидентот Беловски.

Преку Фејсбук реагираше и главниот уредник на Телма, Атанас Кировски:

„Она што сега можам да го кажам е дека сме згрозени и силно вознемирени што насилници и уличари ни ги напаѓаат новинарите. Ќе ги повикаме институциите да реагираат остро. Воедно, ќе ги повикаме политичките партии да не создаваат клима на непријателство кон медиуми, кое доведуваат до вакви трагични ситуации“, напиша Кировски.

Тој соопшти дека утре редакцијата на телевизијата ќе се огласи со соопштение и повеќе детали за инцидентот.