Новинарка во Турција осудена на затворска казна поради истражување на Документите од Панама

Турската новинарка Пелин Ункер е осудена на 13 месеци затвор поради нејзино истражување во врска со Документите од Панама за даночни офшор компании поврзани со бизнис активности на поранешниот премиер.

Ункер била осудена од суд во Истанбул поради клевета и навреда за нејзини текстови околу компании во Малта во сопственост на Бинал Јилдирим и неговите синови. Јилдирим беше турски премиер од 2016 до 2018 година, додека сега е претседател на парламентот.

По изрекувањето на пресудата Ункер за Меѓународниот конзорциум на истражувачки новинари изјавила дека планира да се жали, додавајќи дека семејството на Јилдирим признало дека нејзините стории околу бизнисите на Малта биле точни.

„Одлуката не нè изненадува, бидејќи исходот беше познат од самиот почеток. Не постои кривично дело на клевета во моите стории“, рекла Ункер.

Директорот на Меѓународниот конзорциум на истражувачки новинари, Џерард Рил, ја осуди затворската казна, нарекувајќи ја последен чин во долгата серија напади врз слободата на говор во Турција.

„Неправедната судска одлука е замолчување на праведно и точно информирање. Ништо повеќе. Ние го цениме точното известување и храброста во работата на Пелин Ункер и го осудуваме овој последен напад на новинарската слобода под автократската власт на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган“, изјавил Рил.

Турција е светски рекордер во затворање на новинари со дури 68 лица кои биле во затвор на крајот на минатата година. Сите осудени новинари биле соочени со обвинувања за кривични дела против државата.

Документите од Панама беа огромно протекување на документи од офшор финансиската индустрија која ја објавија 90 различни медиуми од целиот свет. Истрагата предизвика кривични истраги во Швајцарија и Аргентина и го забрза процесот на реформи во Европската Унија.

* Оваа содржина е изработена со помош на Европската Унија во рамките на Проектот за младинско изразување. За објавените содржини е одговорен Младински образовен форум и истите нужно не ги одразуваат ставовите на Европската Унија.