Новинарка и активистка од Судан соочена со смртна казна поради кривични дела против државата

Суданската новинарка Вини Омер, која е и истакната активистка за женски права, може да се соочи со смртна казна откако е осомничена за проституција и кривични дела против државата.

Омер во вторникот се појавила на суд каде го слушнала обвинението за проституција. На рочиштето и било кажано дека може да се соочи со дополнителни обвинувања за шпионажа против власта и комуникација против државата.

Таа и нејзините приврзаници тврдат дека обвиненијата се резултат на нејзината работа во сферата на човековите права.

„Ова е обид да се испрати порака до другите активисти: ‘Треба да бидете умни и претпазливи и да не ги преминете дозволените граници, затоа што ве следиме и можеме да ве уапсиме’. Се обидуваат да не принудат да бидеме послушни“, вели Омер за Гардијан.

Омер била уапсена во февруари, откако полициски сили упаднале на состанок помеѓу неа и уште една жена и двајца мажи. Добила петдневен притвор, бил запленет нејзиниот лаптоп и потоа добила забрана да ја напушта земјата.

Скоро сите собирања меѓу различни полови се забранети под актот за јавна безбедност на Судан, законски прописи кои ставаат рестрикции за тоа што можат да прават и како да се облекуваат жените. Омер била уапсена и во декември поради „непристојно облекување“, носејќи здолниште, блуза и шал. Била обвинета и за „непристојно одење“, но случајот подоцна бил отфрлен.

Во 2016 година, според информации на Иницијативата „Не за опресија врз жените“, повеќе од 15 илјади жени биле осудени на камшикување како последица на обвиненија според актот за јавна безбедност.

Вала Исам, активистка и пријателка на Омер, вели дека суданскиот акт за јавна безбедност се користи произволно против жените.

„Се користи особено врз многу сиромашните жени, жените кои продаваат чај на улица, питачи и мигрантки. Ве носат на суд и морате да платите казна, ве затвораат или понекогаш казната може да биде камшикување“, вели таа додавајќи дека на мета се и активистките за женски права.

Иако формално сè уште не е подигнато обвинение за криминали врз државата над Омер, нејзиниот адвокат вели дека тајните служби и разузнувачките агенции на Судан можат да ги користат сомненијата и во секое време да ја стават во затвор, дури на седум месеци, само за распит.

Доколку биде прогласена за виновна, Омер може да добие смртна казна. По обвинението за проституција, пак, може да води кон повеќегодишна затворска казна.

Омер во последниот период пишувала за проблемите со човековите права во Судан, особено за случајот со тинејџерката Нура Хусеин, која била осудена на смртна казна поради тоа што го убила нејзиниот сопруг кога се обидел да ја силува. Казната против Хусеин, подоцна била соборена на второстепен суд.

Регионалната коалиција за бранители на женски права во Блискиот Исток и Северна Африка побара Судан да ги повлече обвинувањата против Омер. Тие истовремено ги повикале властите да ги „укинат законите кои се спротивни на уставот и меѓународните и регионалните договори и конвенции“.

Апсењето на Омер доаѓа откако Форумот на уредници од Африка предупреди на голема пресметка со слободата на медиумите во Судан. Во вторникот, властите го конфискувале весникот Ал Џареда трет ден по ред, откако претходно објавиле дека во државата има недостиг на леб и гориво.