Новинарите со протест побараа вклучување во преговорите за медиумите

Со свирежи и порака „НЕ во наше име“, новинарите излегоа на протест пред Клубот на пратениците незадоволни бидејќи се целосно исклучени од преговорите на четирите најголеми политички партии за медиумските реформи, најавени со Договорот од Пржино.

„Сакаме пред јавноста да ги прашаме четирите политички партии зошто се противат на вклучувањето на претставниците на новинарте и на медиумите  во разговорите, што е толку страшно во нивните предлози што не сакаат да ги споделат со нас и со јавноста. ВМРО ДПМНЕ, СДСМ, ДУИ и ДПА имаат обврска пред јавноста да објаснат какви решенија договараат за медиумите.  Ние како новинари од искуство знаеме дека кога политичарите се кријат од јавноста, обично работат за тесно партиските и политички интереси и не водат сметка за интересите на граѓаните“,  изјави пред присутните Насер Селмани, претседателот на Здружението на новинари на Македонија.

Протестот, појасни Селмани, се организира поради нетранспарентниот начин на водење на разговорите на кои се договара дали ќе имаме слободни и професионални медиуми или контролирани, пропагандна машинерија во рацете на политичките партии.

„Сериозно се сомневаме дека нешто не е во ред со нивните предлози. На сакаат да направат вистински промени во медиумскиот систем. Се водат од принципот, ајде да смениме се , за се да остане исто“, истакна Селмани.

Иако за денеска напладне, во Клубот на пратениците требаше да продолжат преговорите за медиумите, средбата на работната група беше откажана. Од канцеларијата на белгискиот посредник Питер Ванхауте, сооштија дека до одложување дошло поради консултативни средби за подготовка на конкретни предлози во врска со законите поврзани со медиумите, врз основа на досегашните дискусии со политичките партии и засегнатите страни.

Протестот кој започна еден час пред најавената, па откажана средба во Клубот на пратеници, заеднички го организираа Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ), Самостојниот Синдикат на новинарите и на медиумските работници (ССНМ) и Македонскиот Институт за медиуми (МИМ).