Новинарите сè уште без правда за нападите на 27 април: ЗНМ со реакција на одлуките на Апелациониот суд Скопје

Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) изразува сериозна загриженост поради последните одлуки на Апелациониот суд Скопје од април 2025 година, со кои беа одбиени жалбите на новинарите нападнати за време на насилствата во Собранието на 27 април 2017 година.

„Овој датум останува запаметен како ден кога брутално беа прекршени правата на новинарите и медиумските работници. Наместо да биде потврдено дека нападите и заканите кон новинари се неприфатливи, судот испраќа порака дека ваквите дела може да поминат неказнето. Ваквите одлуки го поткопуваат правото на безбедно и слободно новинарство“, истакнува ЗНМ.

Од Здружението укажуваат и на, како што велат, контроверзните ставови во образложението на судот, каде што се тврди дека „слободата на изразување“ не важи кога има насилни настани. Овој став е спротивен на претходните три одлуки на Уставниот суд, како и на Европската конвенција за човекови права и Уставот на државата. Уставниот суд веќе еднаш пресуди дека ваквото толкување е погрешно и го нарушува правото на изразување.

„ЗНМ смета дека е особено проблематично што судот ја минимизира обврската на државата да ги заштити новинарите, сугерирајќи дека таа заштита не треба да биде ‘преголем товар’ за институциите. Ваквиот пристап остава впечаток дека институциите се повеќе загрижени за сопствениот комодитет отколку за заштита на основните човекови права“, сметаат оттаму.

Иако конкретните одлуки на Уставниот суд се однесуваа на друг предмет, тие се конечни, обврзувачки и важат за сите институции – вклучително и за Апелациониот суд. Според ЗНМ, непочитувањето на овие обврски е сериозен удар врз владеењето на правото.

„Последните пресуди на Апелациониот суд Скопје се однесуваат на колегите Наташа Стојановска, Билјана Николовска, Игор Јанковски и Томе Ангеловски – новинари кои и по осум години чекаат правда. Овие одлуки покажуваат дека правната заштита на новинарите и натаму е слаба, а неказнивоста на насилниците создава страв и несигурност кај сите кои секојдневно известуваат за прашања од јавен интерес“, посочуваат од Здружението.

ЗНМ апелира до судските и други надлежни институции да ги преиспитаат овие одлуки и да осигураат дека новинарите ќе добијат соодветна правна заштита. Нападот врз новинар, додаваат, е напад врз демократијата – и секој таков чин мора да биде истражен и санкциониран.

„ЗНМ ќе продолжи будно да го следи развојот на овие случаи и ќе се залага за целосна правда за сите новинари жртви на насилство“, велат оттаму.