Новинарите протестираа за слобода на Томислав Кежаровски

Стотина новинари денеска пред Основниот суд – Скопје со свирежи протестираа против апсењето и притворот на новинарот на Нова Македонија, Томислав Кежаровски.

ФОТО: РСЕ

Со транспаренти на кои беше испишано „ Слобода за Кежаровски“, „Колку чини слободата“ и „Кој е следниот“, новинарите побараа Кежаровски итно да биде пуштен да се брани од слобода како и објаснувања од надлежните зошто е уапсен за текст објавен од пред пет години.

За обвинувањата дека новинарот Кежаровски открил име на заштитен сведок во своите текстови, главниот и одговорен уредник на Нова Македонија, Зоран Димитровски изјави дека во моментот кога Кежаровски пишувал за заштитениот сведок и кога наводно го открил неговиот идентитет, сведокот не бил формално-правно заштитен сведок, туку бил лице кое издржува затворска казна и кое полицијата го врбувала да стане заштитен сведок со лажно сведочење.

„Не постои ниту еден правен основ новинарот Кежаровски да биде уапсен и против него да се поднесе кривична пријава, затоа што неговата единствена вина е што напишал текст со кој ја разоткрил намерата на луѓе од полицијата, кои сакале на овој начин да обвинат еден од своите колеги и неговиот брат за убиството во Орешани“, рече Димитровски.

Izjava na glavniot i odgovoren urednik na N.Makedonija, Zoran Dimitrovski by Radio Mof on Mixcloud

Новинарот Петрит Сарачини истакна дека за првпат по долго време, новинари од редакции кои имаат различни уредувачки политики, се собраа на едно место и застанаа во одбрана на демократијата и слободата.

„Се надевам дека колегите новинари конечно разбраа дека после сето ова што се случува со медиумите, а што кулминира со апсењето на Кежаровски, треба да бидат сплотени во одбраната на своите права и во одбрана на слободата на изразување. Секако дека може и треба различно да ги опсервираме случувањата во општеството, но кога се работи за принципите на професијата и демократијата, сите треба да сме едно. Дај Боже денешниот протест да го означи почеток на овааа, принципиелна борба“, рече Сарачини.

Новинарот Кежаровски беше уапсен пред три дена во полициската акција „Ликвидација“, за објавен текст во 2008 година во „Репортер 92“, кога ја извршувал функцијата главен и одговорен уредник. Полицијата со специјалци го приведе Кежаровски, под сомнение дека оддал информации за сведок, за кој тврди дека бил заштитен, со што го прекршил законот. Од друга страна, уредникот на Н.Македонија, Зоран Димитровски вели дека новинарот Кежаровски во своите текстови всушност открил дека се работи за лажен сведок во случајот.

К.О.