Новинарите незадоволни од разговорот со Панчевски за притворот на Кежаровски

Новинарите незадоволни од разговорот со Панчевски за притворот на КежаровскиПретседателот на скопскиот Кривичен суд Владимир Панчевски денеска ги прими на разговор новинарите од иницијативниот одбор за ослободување на  притворениот новинар Томислав Кежаровски, објави Нова ТВ.

Панчевски пред новинарите истакнал дека судот нема ингеренции да ја укине мерката притвор за новинарот која ја одредил истражниот судија и посочи дека неговиот адвокат може да ги употреби правните лекови, како што е поднесувањето жалба.

Според судот, на Кежаровски му е одредена мерка притвор поради можноста за бегство и можноста да влијае врз сведоците и јавноста. Немаше објаснување зошто евентуално не е досуден домашен притвор, ниту врз основа на што е утврдено дека тој може да влијае на јавноста или да биде бегалец.

Мерката притвор е непознаница за многу од македонските и светските организации за слобода на медиуми кои деновове бурно реагираа на притворот на Кежаровски. ЗНМ во дописот до странските амбасади ја доведува во прашање мерката притвор.

„Ние ја спориме и мерката притвор против Кежаровски која има неколку нејасности . Во неа е наведено дека новинарот бил недостапен на мобилен телефон, дека тој имал четири мобилни телефони и дека не им се јавувал на мобилен телефон ниту на блиските пријатели. Другото објаснување е дека Кежаровски како новинар можел да влијае и врз јавноста! Во одлуката не е прецизирано како Кежаровски може да влијае врз јавноста, дали доколку пишува за случајот „Ореше“, или за детали од истрагата. Доколку судот му забранува да пишува и го притвора по тој основ, тогаш тоа според нашето законодавство и Уставот е класична цензура . Во македонскиот закон за кривична постапка, во членот 191 се утврдени околностите под кои може да се изрече мерката притвор: опасност осомничениот да ја напушти земјата, да влијае на сведоците и да го повтори делото. Според досегашните сознанија со кои располагаме и консултациите што ги имавме со правни експерти, ниту еден од овие услови не е исполнет за да се оправда притворот против Кежаровски“, велат од ЗНМ.

Повеќето од образложенијата на Судот не се прифатливи за иницијативниот одбор.

Во видеото на НОВА, погледнете ги и изјавите дадени од претставниците на судот и иницијативниот одбор по средбата.