Новинарите на протест, одложено судењето за новинарот Зоран Божиновски

Членовите на повеќе новинарски здруженија утрово излегоа на протест пред Основниот суд во Скопје, каде беше закажано првото рочиште од судењето на новинарот Зоран Божиновски. Судењето беше одложено за 27 септември, поради тоа што предметот е на увид  во СЈО.

„Закажаниот главен претрес за денеска е одложен , новинарот и обвинетиот не  е донесен од притвор бидејќи судот решил да не го повикова бидејќи предметот не е кај судијата кој е определен да работи кај него. Предметот се наоѓа, по барање на СЈО на увид таму, за да се постапува по него од Апелациониот суд во Скопје“,  појасни адвокатот Миле Петровски.

Претходно новинарите кои се собраа пред судот побараа правда за својот колега, итно ослободување од притвор и целиот случај да биде предаден на Специјалното јавно обвинителсто.

„Дојдени сме да изразиме солидарност со новинарот Зоран Божиновски кој веќе 3 години е изложен на судски прогон поради неговата работа како новинар. Ги потсетуваме судиите во Македонија дека нашата земја е втора во Европа каде има новинар во затвор. Прво беше осуденТомислав Кежаровски, сега е Божиновски, и гласно прашуваме кој ќе биде следниот. Во земја каде новинари се затвораат таму е заробена и слободата на говорот и слободата на медиумите“, изјави претседателот на ЗНМ, Насер Селмани.

Божиновски мина речиси една година во притвор во Србија, како и четири месеци во Македонија. Предметот за новинарот остана во надлежност на Јавното обвинителството, иако предметот Шпион е во надлежност на Специјалното јавно обвинителство.

Зоран Божиновски беше уапсен на 21 април по неговата екстрадиција од Србија.