Новинарите ја напуштија дебатата за Законот за медиуми

Фото: Libertas

Фото: Libertas

Во знак на револт поради невклученоста во процесот на носење на Законот за медиуми кој го најави Владата, новинарите денеска ја напуштија дебатата за законот, организирана од Министерството за информатичко општество и јавна администрација.

Претставниците на главните медиумски организации – Здружението на новинарите на Македонија, Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници, Македонскиот институт за медиуми и Центарот за развој на медиумите, ја напуштија салата и во заедничка изјава побараа Владата да го објави Законот за медиуми и рокот за носење да го одложи за три до пет месеци.

„Денеска на министерот за информатичко општество му доставивме предлог со кој нудиме начин како да се одвива дебатата за законот за медиуми. Ние имаме обврска пред нашите колеги да биде донесен добар закон кој ќе ја предодреди иднината на македонските медиуми. Инсистираме дебатата да биде сеопфатна и да ни се даде можност да го анализираме законот, да разговараме со нашите колеги и да ги сумираме тие сугестии и да ги доставиме до Владата. Инсистираме прво Владата да го објави законот, рокот за донесување на законот да го продолжи три до пет месеци и нашите забелешки да бидат вградени во конечната верзија на законот“, рече Претседателот на ЗНМ, Насер Селмани.

Izjava na Pretsedatelot na ZNM, Naser Selmani by Radio Mof on Mixcloud

Соопштението, кое новинарите се обидоа да му го достават на министерот за информатичко општество, Иво Ивановски, тој одби да го земе. Од новинарскиот синдикат велат дека на дебатата, освен ЗНМ не била поканета ниту една медиумска организација, медиум или новинар.

„Сметаме дека е неопходно да станеме и симболично да покажеме дека не сакаме да учествуваме во фингирање на дебата за закон за кој што никој не знае што содржи. Закон кој треба да регулира од односи во редакција до статус на новинари и новинарството не може да помине зад грбот на новинарите. Со заедничката изјава на сите медиумски организации и со присуството на колегите покажавме дека нема да дозволиме да учествуваме во лажирање на дебата“, изјави претседателката на ССНМ, Тамара Чаусидис.

Izjava na Pretsedatelkata na SSNM, Tamara Chausidis by Radio Mof on Mixcloud

Биљана Петковска, директорка на Македонскиот институт за медиуми вели дека никој во медиумската заедница воопшто го нема видено текстот на законот.

„Главниот проблем е што не познавам ниту еден колега кој досега имал пристап до текстот на законот, текстот не беше ставен на јавна дискусија, го немаше на веб-страницата на министерството, никаде…никој не знае за што правиме муабет“, додава таа.

Izjava na direktorkata na MIM, Biljana Petkovska by Radio Mof on Mixcloud

Владата уште минатата година најави носење на нов закон за медиуми но текстот на законот се држи во најстрога тајност иако министерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески најави дека нацрт-текстот ќе и биде доставен на увид на јавноста до април 2012-та. ЗНМ ги напушти преговорите кои ги водеше со Владата за домашната легислатива, откако новинарите, меѓу кои и претседателот на ЗНМ, Насер Селмани, беа исфрлени од галеријата на Собранието во инцидентите кои се случија на 24 декември.

Најавите за нов закон за медиуми предизвикаа огромен број на шпекулации во јавноста дека Владата сака да постави контрола во интернет просторот и ќе воведе лиценци за сите веб портали, кои би чинеле најмалку десет илјади евра.

К.О.