Новинарите до пратениците – „Не во наше име“ за Законот за медиуми

За време на седницата во парламентот посветена на Законите за медиуми, додека говореше предлагачот на законите, министерот за информатичко општество Иво Ивановски, новинарите во Собраниската галерија извадија транспарент во знак на несогласување со медиумските закони, на кој пишуваше „Не во наше име“.

фото: НОВА ТВ

Министерот Ивановски рече дека веднаш по усвојување на законите за медиумите за кои денеска во Собранието треба да почне расправа, ќе бидат подготвени амандмани со кои ќе се прават дополнителни измени за да се подобри легислативата.
Пратеникот Горан Мисовски од СДСМ го праша министерот Ивановски во чие име говори и му препорача да се сврти кон собраниската галерија.

„Никој не ви верува повеќе, завладеавте со цел медиумски простор сега се запнавте за порталите. Малку остана некое порталче да се каже што мисли некој поинаку од власта. Пораката што ви ја пратија новинарите е дека тие не ви веруваат“, рече Мисовски.

Тамара Чаусидис од Синдикатот на новинарите вели дека транспарентот јасно го искажува ставот на новинарите за овие закони.

„Пораката што сакавме да ја испратиме е јасна и недвосмислена: Не во наше име! Тоа е една ад хок интервенција со која сакавме да покажеме дека се уште сме тука и не му даваме легитимитет на законот за медиуми. Сметаме дека со тој закон не се решаваат клучните проблеми туку се отвараат нови. Самиот начин на кој што се водеше квази дебатата за овој закон и целата борба што ја водевме осум месеци покажува каков однос имаат кон новинарските здруженија и новинарите оние што го предлагаат законот“, вели Чаусидис.

Во продолжение погледнете го видеото на А1 он од Собранието.