Новинарите бараат истрага за свесно уништување на медиумите од МПМ

Претседателот на Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ), Насер Селмани на денешната прес-конференција изрази загриженост за случајот со компанијата МПМ, од која згаснаа „Утрински“ и „Вест“, а за која рече има сериозни индиции дека свесно се уништува оставајќи без егзистенција стотина семејства.

„Менаџментот и сопствениците молчат во врска со информациите во јавноста дека во август 2015 кога на новинарите им се намалувале платите до 20 отсто, на директорката Јана Станисављева и била понудена плата од 25.000 евра“, рече Селмани, потенцирајќи дека медиумите во Македонија не постојат за информирање на граѓаните, туку „за политичка пропаганда на власта во заминување која остава пустош зад себе“.

„Медиумскот систем во Македонија е корумпиран, власта во спрега со сопствениците на медиумите ги злоупотребува медиумите, примерот на МПМ е само еден дел од тој мозаик на криминал и корупција што веројатно постои и во другите медиуми“, рече Селмани.

Тамара Чаусидис, претседателката на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) побара итно да се стави крај на уништувањето на економскиот и социјалниот статус на новинарите. Истовремено информираше дека ССНМ и ЗНМ се во постапка за кривична пријава.

„Информациите за МПМ кои излегоа во јавноста се сериозна индиција која подразбира кривично гонење и ние веќе сме во постапка за кривична пријава за вклучување штетни договори, злоупотреба на службената должност која што свесно ја однесе фирмата во финансиски тешкотии, ги намали платите на новинарите и на крај дојде до затворање на печатените изданија на весниците и на оставање луѓе без работа. Злоупотребата на службена должност и свесното носење на фирмата во пропаст е нешто што не е дозволено според закон“, рече Чаусидис.

Според сознанија на новинарите и медиумските работници, МПМ во последните две години работи во загуба. Во таква ситуација да се склучуваат договори на високи суми, нагласи Чаусидис, не значи ништо друго освен злоупотреба на службената положба, па побара институциите да влезат во МПМ и да истражат што се случува и за какви договори се работи.

Љубиша Станковиќ, претседател на синдикатот од „Утрински весник“, побара од обвинителот да провери дали МПМ свесно се турка во стечај, дали ова било преодна фаза од нешто што се нарекува „ослободување од вишокот луѓе“.

„Ние се сомневаме, а на државниот обвинител и на неговите подредени е да утврди дали преку МПМ се испумпувани огромни суми пари. Од Јавниот обвинител на Македонија, од обвинителот за гонење на организиран криминал, од скопската јавна обвинителка, очекуваме да утврди од каде ѝе на госпоѓицата Јана Станисављева основачкиот влог од милион и 300 илјади евра, да влезе во МПМ и да стане третиот содружник во компанијата? Дотолку повеќе што нашите сознанија се дека таа за првпат се вработила во државна институција, и оттаму е дојдена во МПМ. Значи, бараме и потекло на парите“, нагласи Станковиќ во име на 120 вработени кои моментално се оставени без работа од МПМ, барајќи Трудовата инспекција да утврди каде се овие луѓе сè уште вработени, во кои простории и каква е нивната дејност.