„Новинари за човекови права“: Без соодветен тоалет, 75% од учениците во урбаните средини oтсуствуваат два до три дена месечно

Здружението „Новинари за човекови права“ (Journalists for human rights) за 19 ноември, Светскиот ден на тоалетите, алармира за состојбите со санитарните јазли.

Потенцираат дека нивните акции се важни поради тоа што 1/5 од училиштата во светот воопшто немаат тоалет, 900 милиони ученици немаат каде да ги мијат рацете, а 80% од сите наши отпадни води се враќаат назад во животната средина, без да бидат третирани.

„90% од учениците во руралните средини во Македонија се отсутни од училиште за 4 до 5 дена во текот на месецот кога имаат месечен циклус, додека 75% од учениците во урбаните средини oтсуствуваат од 2 до 3 дена во текот на месецот поради немање соодветни услови/тоалет“, соопштува Здружението.

„Новинари за човекови права“ потенцира дека дијареата предизвикана од валкана вода и несоодветни санитарните мерки убива 289.000 деца под пет години секоја година.

„Секоја година дијареата и интестиналните инфекции заедно убиваат речиси 140.000 деца на возраст меѓу пет и 14 години. Животот може да се спаси со пристап до тоалет, со чиста вода и сапун за миење раце“, велат од „Новинари за човекови права“.

Понатаму, потенцираат дека девојките/жените за време на периодот бараат тоалети кои се достапни, функционални и приватни, со вода и сапун, канти за отстранување на санитарниот материјал.

„Младите жени кои не се во можност да го контролираат хигиенски периодот поверојатно е да останат дома, што доведува до поголем ризик од изостанување од образовниот процес“, забележува Здружението.

Фото: ФБ/Здружение „Новинари за човекови права