Новинари во Грузија протестираат со кеси на главите во солидарност со колега

Грузиски новинари со кеси на главите протестираат во знак на солидарност со новинар- дисидент од Азербејџан кој наводно бил киднапиран во Тбилиси пред една недела.

Афкан Мухтарли, кој живеел во егзил во Грузија, исчезнал минатата недела па се појавил во суд во главниот град на Азербејџан, Баку, каде е обвинет за нелегално поминување на границата и за криумчарење пари, пренесува ББЦ.

Грузискиот министер за внатрешни работи ги отфрлил наводите за грузиска вклученост во наводното киднапирање. Појавувајќи се на националната телевизија, тој изјавил дека наводите на адвокатот на Мухтарли се целосно еднострани и без основа и дека циркулираат многу теории без некој фактички доказ или поткрепа.

Сопругата на Мухтарли и опозицијата во Грузија продолжуваат да поставуваат прашања до властите, а претходно неделава ЕУ апелираше до Азербејџан да го ослободи новинарот.

Неколку истакнати телевизиски презентери ставија кеси на главите во текот на нивните емисии, солидаризирајќи се со напорите на голема група новинари да покажат тивка солидарност со Мухтарли, а новинарите им донирале кеси и на парламентарците.

Гиорги Габуниа во своето ток-шоу на Рустави ТВ

Популарнарната новинарка Инга Григолиа носела кеса на главата додека ги поздравувала гледачите на нејзината емисија „Реакции“.

„Реакции им се придружува на новинарите во протестот и бара навремен одговор од истражните органи како пребегнатиот новинар се најде во Азербејџан“, рекла таа.

Гиорги Габуниа, водител на уште едно ток-шоу, носел кеса на главата во текот на целата емисија. Тој требал да го интервјуира министерот за внатрешни работи во текот на програмата, но не успеал, откако министерот си заминал откако неуспешно побарал новинарот да ја отстрани кесата.