Новинари протестираа пред српското обвинителство поради закани и напади на социјалните мрежи

Повеќе од 150 новинари и граѓани демонстрираа пред Обвинителството за технолошки криминал во Белград откако во последниот период зачестија нападите на новинарите во јавноста и на социјалните мрежи.

Протестот беше организиран од неделникот Време, а уредничката на весникот, Јована Глигоријевиќ порача на обвинителството дека тие ќе бидат одговорни доколку нешто им се случи на новинарите по заканите упатени до нив.

„Ако на било кој од нас, кои денеска се собравме овде, ни недостасува и едно влакно од главата, вие ќе бидете виновни!“, рече Глигоријевиќ.

Уредникот и новинар на БИРН, Слободан Георгиев, кој беше мета на организирани напади на Фејсбук и Твитер, изјави дека новинарите не треба да се плашат и дека и обвинителите и новинарите би требало да работат иста работа – да го бранат јавниот интерес.

На социјалните мрежи претходниве денови се појави монтирано видео на кое Георгиев е посочен како „предавник, соработник со албанските политичари и странски платеник“. Во видеото како мети се означени и редакциите на БИРН, КРИК и ЦИНС, со фабрификувани податоци за тоа колку пари добивале овие медиуми кои првично ги објавуваа српските таблоиди.

„Знам каде живеам и што им се случувало на луѓето по вакви слични кампањи. Прво од тебе прават мајмун, после предавник и на крај стануваш лесна мета. Сакам да верувам дека сум безбеден во својот град и својата земја, затоа што повеќе луѓе ме сакаат отколку што ме мразат. Никому ништо не му должам и само чесно ја работам работата. Прашањата во врска со таргетирањето и заканувачките кампањи треба да се поставуваат пред сè на оние кои стојат зад нив, а тоа е власта“, изјави Георгиев за весникот Данас.

За заканите преку социјалните мрежи реагираа и од Здружението на новинари од Србија кои побараа од обвинителството итно да открие кој стои зад монтираните видеоматеријали и да покренат постапка против сторителите.