Новинари од МПМ со групна пауза изразија незадоволство за односот од компанијата

Неколку десетици новинари од дневните весници „Вест“, „Дневник“, „Утрински весник“ и „Македонски спорт“, кои се под капата на „Медија Принт Македонија“, го искористија своето право на пауза од 30 минути за да излезат, се видат, но и да продискутираат за проблемите со кои секојдневно се соочуваат при работењето.

Групната пауза од 11 часот на паркингот кај „Зебра“ беше можност и симболично да и дадат до знаење на компанијата за нејзиниот однос кон новинарите.

Поради недоразбирање со менаџментот и доцнење со исплаќање на платите, сите редакции од весниците до МПМ завчера испратиле конкретни барања, за кои, како што тврдат новинарите, се уште немаат одговор. Меѓу другото, велат тие, било договорено професионално да си ги извршуваат обврските, а менаџментот да им ги исплаќа платите најдоцна до 15-ти во месецот.

Инаку, по своето право на пауза, новинарите се вратија на работното место за, како што рекоа, да продолжат професионално да ги извршуваат своите обврски. Не ја исклучуваат можноста ваквите паузи да се случуваат и во иднина.

Засега нема некаков официјален став или реакција од МПМ.

Б.Ш.

Фото: Плусинфо