Нови телефонски линии за психо-социјална поддршка на родителите и децата

Од денеска се достапни уште две телефонски линии за поддршка на менталното здравје и психо-социјална поддршка за родители и тинејџери, но и за родителите на деца со попреченост погодени од кризата со КОВИД 19. Ова е дополнителна поддршка на веќе воспоставената телефонска линија на Универзитетската клиника за психијатрија за родителите на децата од предучилишна и училишна возраст која сега е отворена и за самите деца на училишна возраст, како резуллтат на соработката на Министерството за здравство и во партнерство со Универзитетската клиника за психијатрија и УНИЦЕФ.

„Освен одговорното постапување за заштита од вирусот, треба да се погрижиме да бидеме безбедни и од второстепените негативни ефекти коишто пандемијата може да ги има врз нашето ментално здравје. Континуираниот стрес и анксиозност може значително да се одразат врз нашиот ум и способност да се одбраниме. Од огромно значење е сериозно да ги сфатиме нашата и благосостојбата и менталното здравје на нашите деца и да побараме поддршка“, изјавил министерот за здравство, Венко Филипче.

Телефонска линија 078 378 728 за помош на тинејџерите и на нивните родители
Телефонска линија 070 291 574 за помош на родители на деца со попреченост

достапни од 9:00 до 16:00 часот секој работен ден

Телефонската линија 072912676 за помош на деца на училишна возраст и на родители на деца на предучилишна и училишна возраст

достапна од 9:00 до 19:00 часот секој работен ден

Освен непосредните здравствени проблеми, кризите како пандемијата на КОВИД-19 може да предизвикаат пошироки ефекти врз децата и нивните семејства, како што се вознемиреност и страв од непознатото. Главната цел на новите услуги е да се обезбеди советување и поддршка за да се спречат второстепени ефекти од епидемијата, како што се запоставување на децата, недостаток на родителска грижа и поголема изложеност на насилство во семејството.

„Сакаме да ги охрабриме родителите и децата да разговараат за сите прашања и проблеми. Нормално е тие да имаат различни реакции на КОВИД 19 како што е нормално да се борат да го задржат чувството на нормалност дома. Во оваа ситуација, децата и тинејџерите може да се чувствуваат тажно, изолирано, па дури и луто. Со телефонските линии ќе им се понуди поддршка на родителите околу олеснување на продолжениот стрес и ќе им се помогне на децата и тинејџерите да изградат издржливост за снаоѓање во стресни ситуации, особено сега кога им е сменета секојдневната рутина и мораат да останат дома“, истакнала Патриција ди Џовани, претставничка на УНИЦЕФ.

“Актуелната пандемија на вирусот COVID-19 ни ја зголемува свесноста за грижата за здравјето на нас и нашите деца. Но, покрај физичкото здравје, во вакви услови е од особена важност да обрнеме внимание и на грижата за менталното здравје, да ја развиваме отпорноста и поврзаноста во рамките на семејството, да ја искористиме оваа несакана состојба како можност за подобрување на ментална благосостојба пред сѐ на младите,“ соопштил професорот Стојан Бајрактаров, директор на Универзитетската клиника за психијатрија.