Нови штрајкови во Франција поради реформите на Макрон

Вработените во француската железница почнаа тримесечен штрајк, што ќе се одрази на 4,5 милиони граѓани кои користат возови. Штрајкот, според најавите, ќе трае до 28 јуни, ако францускиот претседател Емануел Макрон не се откаже од плановите за реформа во државното железничко претпријатие. За време на штрајкот ќе сообраќа само еден од осумте брзи возови, како и еден од пет регионални возови.

Персоналот на авиокомпанијата „Ер Франс“, комуналните работници и одделни вработени во енергетскиот сектор, исто така, денеска ќе одржат одделни штрајкови. Раководството на „Ер Франс“ соопшти дека 75 отсто од летовите нема да бидат погодени од петтиот штрајк во изминатиов месец. Штрајкови, кои се организираат поради платите, вработените во „Ер Франс“ закажаа и за 7,10 и 11 април.

Во текот на изминатите недели, во Франција штрајкуваа и пензионерите, студентите и вработените во јавниот сектор, поради реформите кои ги најави Макрон.