Нови Сад, Еш и Каунас се европски престолнини на културата за 2022 година

Еш на Алзет и Каунас, два втори по големина градови во Луксембург и  Литванија, како и Нови Сад во Србија, ќе бидат европски престолнини на културата во 2022 година.

Титулата се доделува по едногодишна пауза поради пандемијата.

Целогодишната програма во Нови Сад на 13 јануари ќе почне со „Дочек“, уметничка прослава која ќе собере повеќе од 400 уметници од Србија и цела Европа, промовирајќи го низ уметност наследството на големите научници – Никола Тесла, Милева Мариќ Ајнштајн, Милутин Миланковиќ.

Каунас е втор литвански град што ќе ја носи титулата европска престолнина на културата која во 2009-та ја имаше и главниот град на државата, Вилнус, заедно со Линц во Австрија и норвешкиот Ставангер.

Свеченото отворање на Каунас е закажано за 22 јануари 2022. Околу 40 фестивали, повеќе од 60 изложби и 250 сценски настани и концерти ќе опфати програмата замислена како една голема европска сцена.

Трите главни настани се креирани во соработка со уметници од Литванија, но и светски имиња како Марина Абрамовиќ, Филип Милер, Вилијам Кентриџ, Јоко Оно, Џени Каган, Роберт Вилсон.

Европска престолнина на културата во 2022 ќе биде и Еш на реката Алзет, вториот по големина град во Луксембург. Церемонијата на отворање ќе биде на 26 февруари 2022 и е насловена „REMIX“.

Идејата е промена на перспективите преку иновации со кои ќе се  изгради одржлива иднина, како и создавање нова перцепција за регионот како атрактивна културна дестинација за патување, зајакнување на регионалниот идентитет и зголемување на меѓународната популарност.

На листата за престолнини на европската култура во 2023 година се Темишвар во Романија, Веспрем во Унгарија и Елефсина во Грција.

Проектот „Европска престолнинина на културата“ почна во 1985 година на иницијатива на Мелина Меркури, тогашната министерка за култура на Грција.

Целта на иницијативата е да ги заштити и промовира разновидноста на културите во Европа, да го прошири пристапот и учеството во културата, да ги зајакне капацитетите на културниот сектор и да го подигне меѓународниот профил на градовите преку културата.