Нови паркови, дигитални училници и бесплатна психолошка поддршка: Град Скопје најави низа проекти за младите во 2026

На денешната прес-конференција, градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, најави низа капитални проекти кои во 2026 година директно ќе се однесуваат на младите, учениците, средношколците и студентите во главниот град.

Во рамки на буџетот за 2026 година се предвидуваат средства за изградба на нови паркови, со цел зголемување на зелените површини и подобрување на квалитетот на живот. Како прв ваков проект беше најавен Мега парк „Христијан Тодоровски – Карпош“ во општина Бутел, кој, според градоначалникот, треба да прерасне во новото „зелено срце“ на Скопје и простор за дружење, рекреација и културни настани.

Паралелно со инфраструктурните зафати, Градот најави и сериозна реконструкција во образованието. Инвестициите започнуваат со изградба и обновување на спортски терени и игралишта во рамки на средните училишта низ Скопје, со цел поттикнување на физичката активност кај младите.

За реконструкција на училишните објекти во 2026 година се обезбедени 60 милиони денари. Планот вклучува поставување прочистувачи за воздух во секоја училница, како и целосна дигитализација на наставата преку смарт табли, панели и компјутери. Дополнителни 86 милиони денари се предвидени за мерки за енергетска ефикасност, како и за обезбедување лаптоп за секој првенец на генерација.

Новина е и воведувањето униформи за учениците во прва година средно образование, организирање летни кампови за млади од ранливи категории, како и бесплатна психолошка поддршка достапна за сите ученици.

Од Град Скопје посочуваат дека овие мерки имаат за цел создавање поддржувачка, здрава и модерна средина за младите генерации.

Фото извор: Град Скопје / Мета