Нови мерки за Белград, овојпат без полициски час

Кризниот штаб на Владата на Србија донел нови мерки за Белград во кои нема најавено полициски час.

Како што соопштила премиерката Ана Брнабиќ, мерките ќе важат само на територијата на Белград, а не на цела Србија.

„Имавме многу долга седница во Кризниот штаб на која разговаравме за критичната состојба во Белград и евентуално враќање на мерките кои беа воведени во март и април. Се договоривме мерките да не бидат на целата територија на Србија, туку тие да бидат воведени на териториите каде ситуацијата е нестабилна. Првата мерка за Белград е целосна забрана за јавно организирање и собирање на повеќе од 10 луѓе на отворени и затворени простори. Сите продавници и трговски центри ќе бидат затворени од 21 часот до 6 часот изутрина“, истакнала Брнабиќ.

Премиерката истакнала дека Кризниот штаб се одлучил да не воведе полициски час, спротивно од она кое го најавуваше претседателот Вучиќ, бидејќи тоа би подразбирало вонредна состојба.

Сепак, Брнабиќ нагласила дека „претседателот е во право“ и дека тоа би било најефикасно решение.

Таа додала дека казните за неносење на маски во затворени простории и јавен превоз ќе чинат 5.000 динари.

Според Брнабиќ, протестите во Белград, кои веќе се одвиваат два дена, ќе бидат нешто кое „граѓаните скапо ќе го платат“, мислејќи на бројките од новозаразени со коронавирусот.

Извор: Glasa Amerike

Нереди во Белград по најавата за враќање на полицискиот час – повредени и полицајци и демонстранти