„Состојбата со коронавирусот е стабилна, но таа може лесно да ескалира и затоа е потребно превентивно да делуваме“, рече министерот за здравство Венко Филипче на денешната прес-конференција. Денеска се регистрирани нови 364 случаи на Ковид-19, 106 пациенти се оздравени, а три лица починале.
Министерот соопшти дека ќе препорачаат нови мерки со цел да се спречи ширењето на вирусот. Тој посочи дека ќе се препорача да се воведе задолжително носење на маски или заштитна опрема и при престој на отворено, додека на затворено, маска ќе е потребно во јавните објекти, на работното место, во јавниот и приватниот транспорт.
„Исклучок од ова правило се прави при спортување на отворен простор или на затворено, секако со почитување на соодветните протоколи, при транспорт во приватно возило во кое сите лица се од едно семејство или живеат во едно домаќинство, потоа при седење во угостителските објекти, секако со почитување на соодветните простории, при престој во службени простории, канцеларии ако лицето е само во просторијата. Исклучок од задолжително носење маска имаат децата до 6 години, односно во предшколска возраст, овие препораки, за нови мерки, КЗБ ќе ги достави до владата за усвојување“, рече Филипче.
Дел од мерките кои ќе се предложат се однесуваат на забрана на поголеми семејни собири, прослави и забави во домашни услови, додека во еден стан или куќа, сопствениците е дозволено да примат најмногу четири луѓе.
„Анализите покажуваат дека сериозен процент од новозаразени се токму од ваков тип на настани и затоа сакаме да превенираме. Со оваа нова мерка, дополнително ќе се избегне забавите од кафулињата и баровите да се префрлат во домашни услови. Се забранува групирање на јавен простор после 22 часот, на повеќе од четири луѓе од истите претходно споменати причини, забрана за групирање по паркови, бензиски пумпи, било каде на отворено на поголема група на граѓани“, додаде Филипче.
На сите инфективни одделенија во земјата, министерот истакна дека се хоспитализирани вкупно 414 пациенти, сомнителни и позитивни на вирусот, и додаде дека ова е најголем број на хоспитализација од крајот на јули.
„На Инфективната клиника 86 пациенти, во Градската општа болница 40, од кои четири се на респиратор, во Козле три деца хоспитализирани, позитивни и две за кои се чека резултат. Во сите одделенија во државата има значаен број на пациенти, некаде капацитетот е целосно исполнет и пациентите се праќаат во Скопје, после претходен договор, а тоа е Куманово, или во Битола од Прилеп. Има слободни места во Охрид, Гостивар и Тетово“, наведе Филипче.
Во болницата во Струмица каде има 46 хоспитализирани пациенти ќе се спрема капацитет на ново крило, каде Филипче додаде дека има опрема, материјал и се што е потребно за пациентите.
„Целосно е спремна болницата во Кочани каде што сега нема хоспитализирани пациенти, за тој регион има 60 кревети кои што се спремни да примат пациенти. Двајца интернисти, двајца анестезиолози во таа болница. Целосно спремно и празно одделението со 14 кревети во Кавадарци и значаен број на слободни кревети кои можат од обичните одделенија да се преадаптираат за третман на пациенти во болницата во Тетово“, рече тој.
По отворањето на градинките, Филипче рече дека е низок процентот на заболени воспитувачи и деца, или тие што се ставени во изолација, а според тоа, тој подвлече дека протоколите функционираат и се почитуваат.
„Ризикот кај деца под 6 години е исто така низок, тоа го гледаме и од нашите случаи, меѓутоа и од процентот на заболени деца во светот. Исклучително е важно воспитувачите и другите кои се во контакт со децата, да продолжат да се штитат и надвор од работното место, бидејќи заболувањата се случуваат најчесто надвор, додека внатрешна трансмисија засега немаме“, додаде тој.
За училиштата, како што рече тој, е рано да се извлекуваат заклучоци, но посочи дека со тоа што есенскиот бран е тука, се потврдило дека одлуката за организирање на онлајн настава била исправна и таа одлука, како што додаде, значи сериозно намалување од ризикот на ширење на вирусот.
„Во претстојниот период апелирам учениците, наставниците и родителите да ги почитуваат овие одлуки, да ги почитуваат протоколите и образовниот процес онака како што е организиран, бидејќи тоа е исклучително во интерес на заштита на здравјето“, додаде Филипче.
Министерот истакна дека од однесувањето на граѓаните и почитувањето на мерките и препораките зависи колку брзо ќе се стабилизира состојбата.
„Сакам да порачам дека здравствениот систем е подготвен да се бори и ќе се бори со вирусот, имаме план за реорганизација на болнички капацитети, кадар да одговориме на предизвикот по системот на ротација, нешто што веќе подолго време функционира но ни треба и сериозна поддршка од граѓаните. потребно е одговорно и совесно однесување за да превенираме пренатрупуање на болниците, тоа не смееме да го дозволиме.