Нови 24 заболени со Ковид-19 во државава, вкупно 201 пациент

Во изминатите 24 часа во државава се регистрирани 24 нови случаи на коронавирус во државава, информира Министерството за здравство. Од нив, во Скопје се регистрирани 15 случаи, четири во Куманово, два во Дебар и по еден во Охрид, Штип и Тетово. Со ова, вкупната бројка на дијагностицирани пациенти со Ковид-19 изнесува 201 лица, од кои три пациенти се излекувани, а три починати.

Од Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби денеска се испишани 2 пациенти кои на два контролни теста на Ковид-19 имале негативен резултат. Од министерството информираат дека пациентите се во добра здравствена состојба и се пуштени на домашно лекување.

Според местото на живеење, досега случаи на Ковид-19 се регистрирани во Скопје каде има 123 лица, 43 во Дебар, од кои двајца починати, 15 во Куманово, од кои еден починат, осум во Штип, по три во Велес и Охрид, два во Кавадарци и Прилеп и по еден во Гостивар и Тетово.

Вчера на владина седница беше донесена одлука за дополнителна рестрикција за движење на населението за време на викендот. Со таквата одлука, се забранува движењето на сите граѓани за време на викендите од 16 до 5 часот, а во меѓувреме остануваат на сила и сите други претходно донесени забрани.