Нови 107 случаи на Ковид-19, министерот Филипче во самоизолација

Министерството за здравство (МЗ) денеска информираше дека во изминатите 24 часа се потврдени 107 нови случаи на Ковид-19. Меѓу новозаразените денеска е и кумановскиот градоначалник Максим Димитриевски, кој ваквата информација ја сподели на неговиот Фејсбук профил.

Поради тоа, од Владата информираа дека во домашна изолација одат и премиерот Оливер Спасовски, вицепремиерот Бујар Османи, министерот за здравство Венко Филипче, министерот за образование Арбер Адеми и државниот секретар во министерството за здравство Владимир Милошев кои присуствуваа на состанокот. Тие вчера, за време на состанокот на кризниот штаб, беа во контакт со Димитриевски.

По градови, во изминатите 24 часа се регистрирани 44 нови случаи во Куманово, 28 случаи во Скопје, 11 случаи во Прилеп, шест случаи во Битола, пет во Тетово, четири во Велес, по два случаи во Дебар и Гостивар и по еден случај во Штип, Струга, Кавадарци, Кочани и Кичево. Со ова вкупната бројка на дијагностицирани пациенти со Ковид-19 во земјава се искачи на 1081 лица.

Од МЗ, исто така соопштуваат дека на Клиниката за инфективни и фебрилни состојби во Скопје починал пациент од Струшко на возраст од 50 години, кој бил хоспитализиран на 27 март, а само еден ден подоцна заради влошување на состојбата бил поставен на механичка вентилација.

„Од Клиниката се испишани 5 оздравени пациенти, а денеска се регистрирани и 18 оздравени пациенти кои се лекуваа во домашни услови, а кои по два контролни теста се негативни на коронавирусот“, стои во соопштението на МЗ.

Таму се примени и 11 нови пациенти, а моментално се хоспитализирани 62 пациенти. Од нив 18 пациенти се со потешка клиничка слика и на кислородна поддршка, а пет пациенти се на механичка вентилација.

„Во ГОБ ‘8-ми Септември’ примени се 11 нови пациенти и во моментов во оваа болница се лекуваат 38 пациенти со Ковид-19. Во потешка состојба се 8 пациенти, а на респираторна машина 6. Во Битола се хоспитализирани вкупно 8 пациенти од кои 2 се повремено на кислородна поддршка, а на домашно лекување се следат уште 8 пациенти. Во болницата во Штип се лекуваат 8 пациенти, а се следат уште 18 во домашни услови“, додаваат од МЗ.

Од МЗ информираат дека работата продолжува да се одвива непречено, а дека министерот останува во редовна комуникација со Комисијата за заразни болести. Дополнително, оттаму информираат дека прес-конференциите на министерот ќе се одвиваат преку онлајн платформи.

Претседателот Стево Пендаровски денеска соопшти дека ќе донесе нова одлука со која би се прогласила вонредна состојба на целата територија на државата и во наредните 30 дена.

Пендаровски: Ќе донесам одлука за нова вонредна состојба од 30 дена