„November Fest“ – донаторски настан на студенти од ТМФ и ФЗНХ за опремување на лабораториите

Студентите од Технолошко-металуршкиот факултет утре преку видео пренос на Фејсбук ќе подготвуваат молекуларна храна, додека студентите од Факултетот за земјоделски науки и храна ќе прават традиционални преработки и пијалоци.

Станува збор за донаторски настан, преку кој студентите ќе собираат средства за опремување на нова сензорска лабораторија за потребите на Технолошко-металушкиот факултет, за стекнување практични знаења на студентите и развивање на вештини од областа на сензорската анализа.

Покрај ова, се собираат средства и за опремување на лабораторија за анализа на преработки од овошје и зеленчук за потребите на студентите од Факултетот за Земјоделски науки и храна, кои ќе ги подобруваат практичните знаења и ќе развиваат поголеми вештини во оваа област.

Има два начини како да се донира – дегустација на дел од молекуларната храна која ќе се носи преку достава или преку директно уплатување на сметката:

„Се надеваме дека сите партнери, пријатели и секој што ја поддржува оваа идеја, ќе одговори позитивно на овој настан и ќе придонесе за остварување на нашата иницијатива“, се вели во најавата за настанот.

„November fest“ го организираат Универзитетското студентско собрание, Комисијата за наука при Универзитетското студентско собрание, Факултетското студентско собрание на Технолошко-металуршкиот факултет и Факултетското студентско собрание на Факултет за земјоделски науки и храна, во состав на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј’’ во Скопје.