Нова: Закани и притисоци врз студентите, министерот не е запознаен

Студентите кои живеат во супстандардни услови во студентските домови во Скопје се соочени со закани за бркање од домовите откако почнаа јавно да го споделуваат своето незадоволство на социјалните мрежи и да бараат одговор од надлежните за недостатокот од греење и лошата храна, објави Нова ТВ.

Нова: Закани и притисоци врз студентите, министерот не е запознаен

„Условите во студентскиот дом се катастрофа, хигиената е на страшно ниско ниво, ентериерот е искршен, лифтовите се амортизирани, топла вода има во зависност од спратот“, се жалат академските граѓани.

„Јавноста ги знае лошите услови во студентските домови, ние живееме тука зашто мораме, немаме пари за стан, а нас управникот ни вели- Јас овде мое дете не би пуштил да живее. Трпиме многу понижувања, но ова со заканите до овој степен е најсериозно до сега“, вели една студентка, сместена во студентскиот дом „Гоце Делчев“.

Во страв од последиците студентите со кои разговараше НОВА не сакаат да им биде откриен индентитетот. Тие во изјава за порталот велат дека во мензата каде треба да се хранат 1.500 студенти сместени во домот „Гоце Делчев“, има храна само за 40 лица, а за останатите останува вчерашна стоплена и блуткава храна.

Министерот за образование, Спиро Ристовски во изјава за НОВА денеска рече дека заканите се недопустливи и дека секој граѓани има право да си го изрази своето мислење, а во однос на лошите услови рече дека се работи на подобрување на истите.

На прашањето на НОВА дали врз студентите се вршат притисоци да не го изразат јавно своето незадоволство, Ристовски рече дека не е запознаен со таков случај и дека кај него не дошла реакција дека условите во домовите се лоши.