Нова верзија на Монопол каде жените заработуваат повеќе од мажите

„Хасбро“, една од најголемите компании за детски играчки и друштвени игри, соопшти дека наскоро ќе пушти во продажба нова верзија на една од нејзините најпопуларни игри „Монопол“.

Станува збор за слична верзија како досегашната, со вклучени неколку нови карактеристики со кои женските играчи би заработувале повеќе од мажите.

Дел од промените вклучуваат поголема сума на пари да се доделува на женските играчи кога ќе го поминат полето „старт“. Покрај тоа, во текот на играта, досегашното купување на земјишта ќе биде заменето со инвестирање во производи и идеи смислени од страна на жени.

Идејата, според „Хасбро“, е да се создаде игра која ќе функционира спротивно на реалниот живот и ќе им даде предност на жените во можностите кои ги добиваат во општеството.

„Сметаме дека ова е нов, забавен начин да се креира свет во кој женската популација ќе ужива некои предности кои најчесто ги добиваат само мажите“, стои во соопштението на компанијата.

„Г-ѓа Монопол“, како што е насловена новата игра, ќе биде пуштена во претпродажба веќе на 10ти септември.