Нова пролет за „Стотројка“: Концерт на „Kadonnut Manner“ на 30 април во „Ла Кања“ 

Во предвечерјето на 1 мај, Ден на трудот и 34-ти роденден на „Канал 103“, ова култно радио ги поканува сите знајни и нејзнајни радио пријатели и поддржувачи, на  дружба во интимните прегратки на Старата скопска чаршија, каде во среда (30 април) сите ќе имаат можност да уживаат во звуците на финскиот музички алхемичар „Kadonnut Manner“. 

Со тоа, ќе биде означен почетокот на роденденските уметнички свечености на „Канал 103“.

„’Kadonnut Manner’ е проект на Лаури Манер, уметничко име кое може да се преведе како ‘изгубениот континент’. Неговата музика е емотивно патување кое го спојува американскиот гитарски примитивизам со длабочината на блузот и суровата убавина на северот – наследство преточено во нешто сосема ново и лично. Зад себе има богата 20-годишна музичка кариера како басист во повеќе панк бендови во матичната Финска (‘Out of Tune’, ‘Death by Snoo Snoo’, ‘Viimeinen Maailmansota’) и повеќе од 400 настапи ширум Европа, гостувања на повеќе значајни панк, фолк и џез фестивали, и седум самостојни турнеи“, велат од „Стотројка“.

Претходната вечер (вторник, 29.04.2025) „Kadonnut Manner“ ќе настапи во студиото на „Канал 103“, во рамки на радио серијалот „Ако никој не свири“.

„Со оваа прослава на нашиот нов соларен круг започнува концертниот серијал ‘Нова пролет’, каде нè очекуваат настапи на повеќе странски и домашни бендови и музичари. До месец јуни ќе го исполниме нашиот град со нови звуци, идеи и средби. За следното музичко другарување, наскоро со повеќе информации. Борбата продолжува. Со почит, ‘Канал 103’ – радио дом на културата“, посочуваат од „Стотројка“.