Нова мерка за поттикнување на вработувањето на млади до 29 години

Работодавачите од приватниот сектор кои ќе вработат млади лица до 29 години, евидентирани како невработени во Агенцијата за вработување, ќе бидат ослободени од плаќање социјални придонеси во тек на првата година. Владината мерка ќе трае две години со можност за продолжување, а се однесува на млади невработени лица до 29 години.

Нова мерка за поттикнување на вработувањето на млади до 29 години

Со новата мерка работодавачот ќе биде ослободен од плаќање придонеси за пензиско и инвалидско осигурување, за здравствено осигурување и за осигурување во случај на невработеност. Притоа работодавачот ќе биде ослободен од овие давачки за период од 12 месеци, но ќе има обврска младиот вработен да го задржи уште една година. Ослободувањето ќе се однесува на основицата на која се плаќаат социјалните придонеси, односно до основицата од просечната бруто плата од претходната година, но ако работодавачот исплати повисока од просечната плата сепак ќе треба да изврши доплата на социјалните придонеси.

Со новите владини мерки овие работодавачи ќе бидат ослобедени и од плаќање персонален данок на доход за нововработеното лице. За да ја користат новата мерката, работодавачите од приватниот сектор не треба да го намалиле бројот на вработени на неопределено време од 1 јануари годинава до денот на вработувањето на новите работници, освен во случај на смрт, пензионирање или прекршување на Законот за работни односи.

Тие ќе треба да поднесат барање до Агенцијата за вработување за користење на оваа можност, но  ако неосновано го намалат бројот на вработени во период од 24 месеци и го откажат договорот за вработување со ангажираното лице ќе треба да ги платат сите придонеси од задолжителното социјално осигурување.

Според статистиката на Агенцијата за вработување мерката се однесува на 45 илјади млади лица од кои 25 илјади активни баратели на работа, односно 20 илјади лица кои се изјасниле дека пасивно бараат вработување.