Нова граѓанска иницијатива: „Попова Шапка стана трпеза на која не се знае кој јаде, а кој пие“

Група граѓани ја формираа иницијативата „Да ја спасиме Попова Шапка“, загрижени од состојбата во која се наоѓа овој македонски зимски туристичко-рекреативен центар.

„Ние граѓаните со чиста совест, кои сакаме Попова Шапка да ја гледаме што подобро, почиста, уредена по сите стандарди, поискористена во еколошки туристички рекреативен спортски аспект. Со една иницијатива му се спротивставуваме на секое лошо што му се случува на овој туристички центар“, објаснуваат од иницијативата.

Тие додаваат дека нивната реакција доаѓа поради тоа што Попова Шапка претходниве 15 години е оставена без инвестиции, инфраструктура, одржување и без никаков конкретен проект за модернизирање на капацитетите.

„Попова Шапка е претворена во трпеза каде што не се знае кој јаде и кој пие, претворена е во место каде секој го прави тоа што го сака и мисли, краде колку што може, вработува и остранува од работа кој кого сака, ја искористуваат максимално, и без да се преземе иницијатива за да се обновува, чисти, да биде привлечна и профитабилна, од здравствен, спортски, туристички и економски аспект“, сметаат групата граѓани.

Во следниот период најавуваат граѓански собири и состаноци, додека истовремено ги повикуваат граѓаните, правниците, економистите, туристичките експерти и интелектуалците да ја поддржат нивната иницијатива.