Нова апликација на LinkedIn им помага на студентите да најдат ментор и да напредуваат во кариерата

LinkedIn веќе ја има утврдено својата положба како социјална мрежа за вмрежување на професионалци. Сега, цели кон помладата публика со својата нова апликација за студенти, лансирана денес.

LinkedIn Students им нуди на студентите поглед кон кариерните можности кои нивните дипломи можат да им ги донесат, откако ќе дипломираат, пренесува The Next Web.

Апликацијата предлага „улоги“ врз основа на образованието на корисникот, како и работни места и кариерни совети.

Од LinkedIn велат дека се надеваат дека ќе ги информираат студентите за можностите кои можеби ги имаат, а не се свесни за нив. На пример, доколку корисникот студира психологија, апликацијата ќе му предложи алтернативни работни места за кои е компатибилен, како на пример регрутер во голема компанија.

На апликацијата може и да се разгледуваат профили на луѓе кои неодамна дипломирале, а имаат исто образование како корисникот, па тој може да комуницира со нив за да им постави прашања за тоа како напредувале во кариерата и да најдат ментор.

„Ова е благ вовед за студентите кои можеби не ја знаат вредноста на вмрежувањето и ја претставува основната цел на LinkedIn“, вели Ада Ју, менаџер во компанијата.