Нова амбуланта, но затворена: Во Јажинце нема лекар, жителите патуваат со километри за лекарски прегледи

Жителите на селото Јажинце, кое има околу 1.800 жители и над 400 куќи, и натаму немаат лекар во селото. Во центарот на селото има нова амбуланта, но нејзините врати се затворени бидејќи таму никогаш не е назначен лекар, пишува Порталб.мк.

Поради ова жителите се принудени да патуваат многу километри за потребната медицинска помош, најчесто до Тетово, кое е оддалечено околу 30 километри, или до Вратница, оддалечена само 8 километри, но каде што амбулантата работи само до 14:00 часот.

Ситуацијата станува уште посериозна во текот на зимата, кога патиштата често се блокирани од снегот.

„Амбулантата е изградена пред 34 години со придонес од селата. Денес немаме лекар. Ние цело време сме барале од Министерството за здравство, во зависност од партиите на власт, но не сме наишле на разбирање“, рече еден жител.

„Тука немаме лекар. Нема ништо, заборавени сме од сите. Понекогаш одиме до Вратница, понекогаш во Тетово, каде што наоѓаме лекар, а некогаш и не. Амбулантата е ваква повеќе од 30 години и никој не се интересира“, рече друг жител.

„Одиме во Тетово затоа што амбулантата не работи. Има амбуланта, но не работи. Не доаѓа лекар. Изградена е пред повеќе од 20 години и останува затворена затоа што досега не дошол ниту еден лекар“, рече еден од жителите. На прашањето за недостатокот на лекари во руралните населби, министерот за здравство, Азир Алиу, немаше конкретно решение. Тој рече дека се спроведуваат анализи за
реорганизација на здравствените услуги.

„Во исто време спроведуваме функционални и инфраструктурни анализи и многу наскоро ќе излеземе со општ план за Министерството за здравство, како креатор на здравствените политики, како и за болниците и здравствените установи, како имплементатори на овие политики, каде што ќе се знае каква инфраструктура ќе има, какви услуги ќе се обезбедуваат и колку време ќе биде потребно за да се обезбедат тие услуги“, рече Алиу.

Инаку, селото Јажинце се наоѓа на околу 27 километри од Тетово, таму има околу 400 куќи, а поради миграцијата голем дел од нив останале празни.